. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 

Алкохол


 
  Објавено на: 12.04.2005

Значење на проблемот
Пиењето алкохолни пијалоци не е ретка појава кај деца во адолесцентните години. Во овааа возраст децата сакаат да пробаат нови и забранети работи, често е тоа начин да бидат прифатени во друштвото и т.н. Некои деца пијат регуларно и всушност тие се со ризик да станат алкохоличари. Овој ризик е поголем, доколку некој од родителите е алкохоличар. Вашето сопствено мислење за пиењето, во голема мера влијае врз мислењето на детето за пиењето. Употребата на алкохол во оваа возраст, заради смалената способност да се согледаат последиците, често пати води кон ризично однесување (возење кола во состојба на алкохолинизираност, непревземање на мерки за безбеден секс и сл.) Експериментирањето со алкохол може да води кон употреба и на други дроги.

Зошто децата пијат алкохол?
Причините заради кои децата земаат алкохол може да се најразлични.

  • Тие може да пијат под притисок на другарите, за да бидат прифатени во друштвото.
  • Некои деца страдаат од чувство на самопотценување и алкохолот им помага да се чувствуваат подобро или да се ослободат од стресот.
  • Други, на овој начин покажуваат дека се се независни и го изразуваат својот бунт против правилата кои им се наметнуваат.

Кои се знаците дека моето дете зема алкохол?
Нема специфични знаци кои би укажале дека вашето дете зема алкохол. На сличен начин се манифестираат и другите заболувања на зависност, карактеристични за таа возраст. Знаци кои треба да го свртат вашето внимание и да ве упатат дека нешто се случува со вашето дете се следните : попушта во училиште , станува затворено во себе, го менува стилот на облекување, ги менува дотогашните другари, одеднаш ги менува навиките во спиење и исхрана. Често е уморно, очите му се зацрвенети, однесувањето изменето, станува иритабилно, често е присутно намалено расположение, понекогаш дури и обид за самоубиство. Бега од дома или има проблеми со дисциплината во училиште. Го губи интересот за вообичените активности, го напушта дотогашното хоби.

Како да постапам ако моето дете пие?
Настапете смирено, паниката не помага никому. Уверете го дека и понатаму го сакате и објаснете му ја вашата загриженост. Охрабрете го да се занимава со различни активности и фаворизирајте ги пријателствата со други другари. Имајте доверба во него, но кажете му дека не може да има неограничена слобода. Не допуштајте да оди на места, каде нема контрола. Поставете јасни правила. Проверувајте го каде оди, нека ви се јавува, да знаете што се случува. Понекогаш е добро да ставите некои забрани, на пр. ограничете го времето до кога е дозволено излегување или ограничете го времете кога ќе му ја дадете колата. Ако сличен проблем има и другарот со кој излегува, добро е да разговарате со родителите на тоа дете.

Дали може да се превенира алкохолизмот?
Како и секоја друга превенција, за да биде успешна активностите треба да се започнат доволно рано, уште од раното детство.

  • Децата се склони да имитираат и затоа примерот на родителите е исклучително важен. Родителите секогаш треба да пијат внимателно и никогаш да не си дозволат да возат во пијана состојба. Во нашата средина, постои грдобичај татковците/дедовците да ги канат своите машки наследници да голтнат од пијалокот, кој тие го пијат. Не дозволувајте вакво однесување. Употребата на алкохолот во домот треба да се стави под контрола.
  • Никогаш не треба да се дозволи алкохолот да се користи како начин за справување со проблемите. Покажете му на вашето дете дека за да се ужива, не мора да се пие. Зборувајте со него за земањето на алкохол и дрога и бидете отворени за секакви прашања. Запознајте го со фактите за алкохолот и како тој делува на човечкито организам.
  • Запознајте ги неговите другари. Не допуштајте вашето дете да оди на забави, каде се пие и каде нема контрола. Ако веќе оди на таква забава понудете се вие да го земете со кола заедно со другарите, за да го избегнете ризикот од возење во пијана состојба. Научете го да ви се јавува каде оди. Имајте доверба во вашето дете. Забележете ги добрите работи што ги прави и потенцирајте ги јавно. Наградете го ако донесува правилни одлуки.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот лекар
  • Психолог
  • Локална група за подршка за одвикнување од алкохол
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Асс.д-р Камка Пакетчиева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.