Откривањето на антибиотиците кон средината на минатиот век , допринесе за успешно лекување на повеќе болести, кои пред тоа беа со фатален исход. За жал, во исто време претераната и неправилна употреба на овие лекови го дискредитира постигнатиот успех, нанесувајќи бројни штети и ризици. Затоа секој, а посебно родителите, кои одлучуваат во име на своите деца треба да имаат основни познавања околу употребата и злоупотребата на антибиотиците.
Каде треба да се даваат антибиотици?
Давањето на антибиотици е оправдано само кај бактериските инфекции. Најголем дел од инфекциите во детската возраст се предизвикани од вируси, на кои антибиотиците немаат влијание и затоа не се потребни.
Дали е оправдано да се даваат антибиотици, за да се превенираат бактериски инфекции?
Ова е оправдано само во строго определени случаи, кои ги определува лекарот, а не самиот родител.
Дали со раното давање на антибиотици на почетокот на инфекцијата, таа може да се спречи или нејзиниот тек да се ублажи?
- Не е точно дека со давање на антибиотици на почетокот на инфекцијата, таа може да се спречи или да се скрати текот. Секоја болест има своја должина на траење.
- Напротив, раширеното давање на антибиотици и таму каде што нема потреба доведува до адаптација на бактериите, кои стануваат способни да се размножуваат и одржуваат и покрај присуството на антибиотик, односно се фаворизира создавање на т.н. резистентни бактериски соеви. Доколку овие бактерии предизвикаат болест, таа многу тешко може да се лекува со антибиотици заради стекнатата резистенција и треба да се даваат нови и скапи антибиотици, кои инаку како резервни се користат само во исклучителни ситуации.
Кои се споредните ефекти на антибиoтците?
- Антибиотиците може да предизвикаат алергиска преосетливост. Ова најчесто се пројавува како исип на кожата, кој може да го чеша детето, но понекогаш овие реакции може да бидат многу потешки и подраматични.
- Покрај тоа некои од антибиотиците може да пројават токсично дејство, особено ако се применуваат во дози поголеми отколку што е предвидено или во пократки временски интервали или ако се даваат често. На пр. ако често се даваат аминогликозиди ( гентамицин) може да настане оштетување на бубрезите или на слухот.
- Важно е да се истакне дека непотребната примена на антибиотиците претставува финансиски терет за поединците и за општеството, дури и за општства кои се поразвиени и побогати, а особено за општества со ограничени финансиски можности, какво што е нашето.
Кои правила треба да се почитуваат при употребата на антибиотиците?
- Да се даваат во пропишан интервал, Прескокнување на само една доза понекогаш го прави лекувањето неефикасно.
- Кај антиботиците кои се даваат преку уста, да се даваат пред јадење.
- Да се избегнува примена на повеќе антиботици заради можност за интерреакција и сумирање на несаканите ефекти, освен ако лекарот не предвиди поинаку.
- Да се применуваат критички. Родителите да не инсистираат на примена на антибиотици. Антибиотиите не се семожни.
- Антибиотиците се групирани во неколку групи, по својата хемиска природа и по битните карактеристики. Треба да се знае дека постојат бројни комерцијални имиња за антибиотиците. Секогаш треба да се гледа генеричкото име.
Каде да се обратите за совет?
- Вашиот педијатар
- Вашиот фармацевт
|