. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Вашето дете страда од болка?
Како да му помогнете?

 
  Објавено на: 12.04.2005

Што се подразбира под болка?
Болката прeтставува физичко и душевно страдање , кое настанува како резултат на оштетување на различни ткива и органи, предизвикано од различни фактори. Порано се мислело дека децата имаат поголема толеранција кон болка, заради биолошката незрелост, дека подобро реагираат на аналгетици и дека покажуваат поголема склоност кон навикнување на овие лекови.

Кои се причините за болка?

  • Болка може да настане заради одредена интервенција или пост оперативно. Во такви ситуации, обично се даваат аналгетици- лекови кои ги препишува лекарот , кои делуваат на намалување на болката.
  • Некои состојби, како што се малигните заболувања или некои други болни синдроми, се карактеризираат со силна болка. Кај нив, во третманот на болката, покрај лекарот, активно се вклучени и родителите. Важно е да се знае дека кај малигните заболувања, опијатните лекови не треба да се чуваат за крајниот стадиум, туку под контрола на лекарот, треба да се применат порано, тогаш кога болката станува интензивна.

Што треба да знаат родителите кога даваат лекови против болка?
Лекарот и родителите треба да се придржуваат на следното:

  • Постои општо прифатена скала со три нивоа на лекови за смирување на болката:
    • лекови за слаба болка – неопиоидни аналгетици (парацетамол)
    • за средно јака болка -опиоидни аналгетици за слаба до умерена болка(кодеин)
    • за многу силна болка -опиоидни аналгетици за умерена до јака болка (морфиум)
  • Ако болките се полесни, посебно болки на мускулно-скелетниот систем или главоболка , може да се ефикасни лековите, кои инаку се применуваат за намалување на температурата, како: аспирин, аминопирин, кофан, бруфен, напросин, флугалин и др. И при давањето на овие лекови можно е навикнување ( создавање на зависност) и блага апстенцијална криза, ако се прекинат нагло. Во нашата средина како лек против болка (аналгетик), а понекогаш и како лек за намалување на температурата (антипиретик), популарен е лекот метамизол ( познат како аналгин или новалгетол), а во комбинација како баралгин.
  • Заради несаканите дејства, лековите кои се употребуваат во лечење на болката, не треба да се применуваат самоиницијативно. Секогаш консултирајте го вашиот лекар.
  • Примената на аналгетици преставува само дел од терапевтскиот план.

Покрај аналгетик треба да се применуваат и други дополнителни процедури, како што се давање на други лекови, физикални процедури, акупунктура, фиксација на повреденото место и сл. Важен е и психолошкиот момент, родителите треба да го одвлекуваат вниманието на детето од болката со други активности (пр. читање на приказни, разни игри или разговор).

  • Пред секое воведување на појак лек против болка, треба да се провери дали болката не е предизвикана од напредување на болеста (особено ако се работи за болка кај дете со малигна болест). Во таков случај, промена на лековите специфични за малигната болест може да доведат до смалување на болката.
  • Лековите кои се даваат кај тешка болка, ги даваат родителите во договор и по совет на лекарот. Лекот треба да се дава во доволна доза, која мора индивидуално да се одредува. Доколку болката не се смири со полна доза на послаб аналгетик, дозата понатаму не треба да се зголемува, туку треба да се смени лекот. Секогаш кога е можно лекот треба да се примени на уста.
  • Треба да се дава редовно, во одреден временски интервал, а не да се чека болката да стане неиздржлива за да се даде. Со ваквиот начин се постигнува контрола на болката, со помала доза.
  • Кога се применуваат опијати, запек е редовна појава, па истовремено треба да се даваат и лаксативи.
  • Морфин се применува кај тешка болка. Може да се дава венски, мускулно, поткожно или преку уста. Неопходо е да се дава во правилни временски интервали, најмногу 4 часа помеѓу доза. Предизвикува мачнина , повраќање, затвор, но и еуфорија. Најопасен несакан ефект е застој на дишењето, доколку се предозира. Затоа е опасно, самоиницијативно да се зголемува дозата. Морфинот се дава само под надзор на лекар (одредување на дозата, адаптирање на дозата).
  • Со сличен ефект, може да се користат синтетски лекови слични на морфинот: меперидин или метадон.
  • Сите овие лекови треба да се применуваат многу внимателно, а во фазата кога се исклучуваат, можна е реакција т.н. апстинециелна криза.
  • Кодеин-от, кој е составен дел на многу лекови против кашлица, има исто така задоволителен аналгетски ефект, посебно ако се комбинира со ацетаминофен (Панадон). Родителите треба да знаат дека овој лек не е безопасен и дека може да предизвика апстиненцијална опијатна криза, слично како и другите опијати. Се употребува само под надзор на лекар.

Каде да се обратите за помош?

•  Вашиот педијатар
•  Клиника за детски болести

Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
 Проф.д-р Софијанка Гламочанин

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.