. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Kако работат вашите бубрези?

 
  Објавено на: 07.09.2005

Нормално луѓето имаат два бубрега, сместени во слабинскиот предел на двете страни покрај кичмата, под долниот раб на ребрата. Тие се со облик на зрно грав и големина- како стисната тупаница.

Кои се главните функции на бубрезите?

  • Главна функција на бубрезите е да ги отстранат од крвта крајните продукти на метаболизмот. Секоја минута, преку бубрежните артерии во бубрезите навлегува околу еден литар крв (една петина од целокупната крв која се пумпа од срцето). Откако ќе се прочисти, крвта се враќа назад, преку бубрежните вени.
  • Бубрезите поседуваат комплициран систем за филтрација. Во секој бубрег постојат околу 1 милион единици, наречени нефрони. Секој нефрон содржи мал филтер наречен гломерул, кој е припоен кон тубулите. Вишокот на вода заедно со отпадните продукти се одвојуваа од крвта преку процес на филтрација и оди во тубулите. Најголемиот дел од водата и другите материи кои се важни за организмот се враќаат назад во крвта, преку тубулите. На тој начин, отпадните продукти се концентрираат во мочката (урината). Од тубулите мочката се пренесува во каналот нарчен бубрежно легенче, а потоа преку уретерите во мочниот меур и преку уретрата се исфрла надвор.
  • Нормално бубурезите создаваат помеѓу 1-2 литра урина секој ден, во зависност од испиената количина течности. Нормалниот бубрег има способност да прифати зголемено оптеретување. Ако се изгуби еден бубрег, другиот бубрег компензаторно се зголемува извршувајќи ја работата на два бубрега.
  • Бубрезите го контролираат нивото на многу супстанци во крвта- со тоа тие го одржуваат постојаниот состав на крвта (хомеостазата). Бубрезите ја чуваат телесната вода и ја одржуваат на ниво кое е потребно за нормално одвивање на телесните функции. Ги одржуваат нормалните вредности на натриум, калиум, калциум, фосфор и другите минерали, кои се внесуваат со храната, а се важни за организмот.Тие се излачуваат преку бубрезите, доколку се во вишок.
  • Уреата и другите отпадни продукти се создаваат при разградување на протеините, внесени со исхраната (на пример месо). Креатининот е отпаден продукт на мускулите. Отпадните продукти како што се уреа и креатинин се отстрануваат преку бубрезите. Ако бубрежната функција е намалена, нивното ниво во крвта расте. Вредноста на креатининот во крвта е показател за бубрежната функција. Повеќето отпадни продукти се токсични ако се зголеми нивното ниво во телесните течности.
  • Нормалните бубурези учествуваат во создавање на некои важни хормони. Овие хормони учествуваат во регулирање на крвниот притисок, врз создавањето на црвените крвни зрнца во коскената срцевина и врз апсорпцијата на калциумот од цревата.

Каде да се обратите за додатни информации?

  • Вашиот лекар
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.