. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Магарешка кашлица
(голема кашлица , црна кашлица)

 
  Објавено на: 07.09.2005

Што е магарешка кашлица?
Магарешката кашлица е сериозна заразна болест, која се јавува кај доенчето и кај поголемото дете. Може да доведе до компликации, како воспаление на белите дробови, грчеви , кома и смрт, особено кај деца помали од 1 година.

Предизвикувач, начин на ширење?
Предизвикувач е бактеријата Bordеtella pertussis, а се пренесува преку секрети од дишните патишта.

Кои се знаците и симптомите?

  • На почетокот се јавува кивање, течење на носот и кашлица. Обично детето нема темепратура или има мала температура.
  • По една до две недели, детето започнува да добива напади (пароксизми) на кашлица, придружена со пискав звук или кукурикање. Нападите на кашлица се придружени со повраќање на мукус. Типично, детето изгледа добро помеѓу нападите на кашлица.  

Колкав е инкубациониот период?
Инкубациониот период изнесува 6-20 дена.

Колку време детето е заразно за другите?
Децата се заразни 3 недели по почетокот на пароксизмалната кашлица, или 5 дена по почетокот на третманот со специфичен антибиотик според препораката од лекарот.

Кога може да се врати во градинка/училиште?
Може да се врати по 5 дена по почетокот на терапијата со специфичен антибиотик.

Превенција и третман

  • Ако се даде во почетокот, антибиотикот може да го спречи ширењето на болеста и да делува на скратување на болеста.
  • Најдобра превенција е имунизацијата. Според нашиот календар, имунизација против пертусис, тетанус и дифтерија (ДТП) се започнува на возраст од 6-8 недели.
  • Во случај да се јави голема кашлица во училиштето или во установата со дневен прeстој на деца, треба да се даде “бустер” доза на ДТП на сите деца кои не се имунизирани, на сите деца помлади од 7 години кои не се адекватно имунизирани (не примиле најмалаку 4 дози на ДТП), како и на сите деца кои се помлади од 7 години, а не примиле ДТП вакцина во задните 3 години.
  • За да се спречи инфекцијата кај лица кои биле во контакт со болно дете, може да се даде специфичен антибиотик според препорака на лекарот.
  • Ако вашето дете не е имунизирано против голема кашлица (пертусис), јавете се кај вашиот педијатар за да го вакцинира што е можно побрзо.
  • Ако вашето дете било експонирано на пертусис и развило симптоми на болеста, задржете го дома. Ако лекарот ја потврди дијагнозата, информирајте ги надлежните во градинката/училиштето, за да можат да превземат заштитни мерки.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Клиника за детски болести
  • Клиника за инфективни болести
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Прим.д-р Лилјана Кртева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.