. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Дебелина кај деца
 
  Објавено на: 27.09.2005

Што се подразбира под „дебело дете“?
Дебелината се дефинира како присуство на премногу масно ткиво. Дебелото дете има повеќе масно ткиво, отколку што одговара за возраста.

Кои се причините?

  • Дебелината е често фамилијарна особина. Дебелите родители веројатно ќе имаат дебело дете. Ова е резултат на комбинација на наследните фактори и нездравиот начин на исхрана и живот, со недоволно физичка активност.
  • Понекогаш дебелината е предизвикана од медицински причини (заболувања) или како резултат на дејството на некои лекови.

Какви проблеми може да предизвика дебелината?

  • Дебелината може да доведе до астма и до апнеа во сон.
  • Може да доведе до срцева болест, шеќерна болест, покачен крвен притисок, мозочен удар и канцер.
  • Дебелите деца во училиште може да се отфрлени или да им се потсмеваат.
  • Дебелите деца се со повисок ризик за депресија.

Како да се утврди дали детето е дебело?
Врз основа на мерење на висината и тежината и споредување со вредностите кои се дадени како нормални за таа возраст. Ако порастот во тежина е над просечниот лекарот ќе се обиде да утврди зошто е тоа така.

Како да се третира?
Треба да се измени начинот на исхраната, физичката активност и животниот стил. Наградете го вашето дете, за секој и најмал успех.

Диета за слабеење?
Не го подвргнувајте детето на рестриктивна диета, помогнете му да ја замени нездравата, со здрава исхрана. Диетите трајат кратко, а ефектите се присутни само додека трае диетата. Здравата исхрана треба да е долготорајна цел. Придржувајте се кон следните препораки:

  • Научете го вашето дете да ја жвака храната полека и да ужива во јадењето.
  • Ручекот нека биде пријатен настан за фамилијата, без ТВ, радио сл.
  • Не го терајте детето, да ја испразни чинијата до крај.
  • Обезбедете оброците да бидат редовни.
  • Избегнувајте да држите вишок храна на масата. Сервирајте ја храната во неговата чинија. Порцијата треба да биде отприлика, колку што е величината на дланката на раката.
  • Приготвувајте здрава храна, која има висока нутритивна вредност но помалку калории.
  • Избегнувајте масна, храна , зејтин и слатки.
  • Избегнувајте пиење на газирани пијалоци, сокови и чоколадно млеко. Овие напитоци се многу калорични. Најдобра за гаснење на жедта е водата.
  • Ако вашето дете е постаро од 2 години, употребувајте млеко на кое му е отстранет кајмакот или обезмастено млеко.
  • Ограничете ја количината на високо-калориска храна и чувајте ја подалеку од погледот на детето.
  • Не му купувајте на детето чипс, кокици и сл
  • Немојте да ја користите храната како средство за казнување или награда.
  • Објаснете им во градинката дека се обидувате да воведете здрав начин на исхрана, за да ве подржат.
  • Никогаш не започнувајте никаква диета за слабеење без претходна консултација со вашиот лекар или диететичар.

Физичка активност
Уживајте во физичката активност заедно со своето дете. Вежбите ја подобруваат координацијата и му овозможуваат на детето подобро да се изрази себеси:

  • Практикувајте пешачење, пливање, возење точак и трчање. Фокусирајте се повеќе да уживате и да се чувствувате посилни, а не на губитокот на тежината.
  • Наместо лифт, користете скали.
  • Кога е можно, одете пешки наместо со кола.
  • Докторите препорачуваат минимум 30 минути физичка активност на ден

Животен стил

  • Ограничете го времето кое го поминува пред телевизорот и компјтерот. Охрабрете го детето да прави нешто поактивно, како што е да игра или да помага во куѓата.
  • Јадете на маса, не пред телевизорот.
  • Ограничете го времето кое го поминува со видео-игри
  • Избегнувајте разговори за тежината. Фокусирајте се повеќе на тоа дека дебелината може да доведе до здравствени проблеми.
  • Не дозволувајте потсмевање, нити погрдни имиња поврзани со дебелината.
  • Дебелите деца се со поголем ризик да развијат депресија. Помогнете им да најдат активности во кои ќе уживаат и во кои ќе бидат успешни.
  • Учете го вашето дете како да се справува со стресот. Некои деца бараат прибежиште во храната за да си олеснат.
  • Овие промени може да се тешки за детето. Ако не ги прифаќа, немојте да ги наметнувате со сила. Настапете позитивно, охрабрето го и придружете му се. Се е полесно ако учествува целата фамилија.

Дали дебело дете значи и дебел возрасен?
Со промена на исхраната, физичката активност и животниот стил, најголемиот дел од децата се подобруваат. Во тек на растењето во висина, мал дел ќе ја надминат својата дебелина. Дел остануваат дебели до адолесценцијата и како возрасни. Дебелите деца се со повисок ризик да бидат дебели возраасни.

Дали дебелината може да се превенира?
Најдобра превенција е инсталирање на здрави навики пред да дојде до дебелина, во што клучна улога играат родителите. Тие го креираат стилот на фамилијата, кој треба да е активен, со многу прошетки и физичка активност, а со помалку гледање телевизија и седечки активности. Родителите ја креираат исхраната на фамилијата, која треба да е здрава, со помалку високо-калорична џанк храна. Децата треба да се научат да го ценат своето тело и своето здравје.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Нутриционист
  • Клиника за детски болести - ендокринолошка амбуланта
Подготви :
Проф. д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Проф. Мирјана Кочова

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.