Главоболката кај деца преставува симптом, кој може да е предизвикан од различни причини.
Дали главоболката е предизвикана од стрес?
Повеќето родители се изненадени и не прифаќаат кога ќе им кажете дека главоболката, која често се јавува кај нивното дете е предизвикана од стрес, а не со медицински проблем. Всушност, повеќето главоболки кај децата преставуваат проблем од типот адаптација на стрес. Како стрес, се идентифицираат ситуации како што се селење во нова средина, промена на училиште, конфликт меѓу браќата/сестрите, напуштање на домот на блиски лица, пореметување на релациите родители-деца и мајка-татко. Главоболката од овој тип, се јавува најчесто помеѓу 10-16 година, може да е придружена со нерасположеност, хроничен умор, често плачење и затварање во себе.
Дали главоболката е предизвикана од мигрена?
Вториот најчест тип на главоболка кај децата е мигрена. Таа не е ретка кај деца, и се разликува од мигрената кај возрасните. Кај возрасните, мигрената е почеста кај женскиот пол , кај децата двата пола се еднакво застапени. Како придружен феномен, почесто се јавува гадење и повраќање, но главоболките се главно со пократко траење. Во повеќето случаи, се работи за фамилијарна предиспозиција за мигрена. За разлика од возрасните, децата обично не пројавуваат визуелни абнормалности како претходница на мигрена, но тие почесто можат да манифестираат привремена слабост или губиток на сензациите на едната страна од телото. Кај мал број деца, во тек на нападите може да се јави тешка конфузија и пореметување во одот и говорот.
Дали главоболката значи дека детето има сериозно заболување на мозокот?
Само мал дел од главоболките се резултат на сериозен органски медицински проблем. Практично, секој процес кој доведува до зголемување на внатречерепниот притисок може да предизвика главоболка, како едем на мозокот, мозочен тумор или насобирање на крв. Во такви случаи, обично се присутни и придружни симптоми, како на пр. проблеми со видот , повраќање, пореметување во координацијата или поспаност. Ако се присутни вакви симптоми , треба да се направат снимања, со кои ќе се утврди за што се работи.
Што со главоболката, која се јавува инцидентно?
- Инцидентната главоболка може да се јави во рамките на други, најчесто инфективни болести на пр. заушки, овчи сипаници, грип , настинка или ангина придружени со температура.
- Понекогаш, децата може да добијат главоболка и без придружна болест, слично како возрасните. Во такви ситуации, може да им се даде аналгетик (paracetamol или fenacetin) и да се оставаат да мируваат додека не помине болката.
Дали се потребни подетални испитувања?
Врз основа на карактеристиките на главоболката и придружните симптоми вашиот педијатар ќе одлучи, дали е потребно да се направат испитувања за да се утврди причината. Пред да ве упати на детски невролог треба да види дали детето има покачена темепратура, покачен крвен притисок, да го прегледа крвниот шеќер и да направи офталмолошки преглед.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Детски невролог
- Клиника за детски болести, невролошка амбуланта
|