. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Справување со гнев

 
  Објавено на: 12.04.2005

Бесот преставува моќна емоција. Може да има деструктивни резултати и за вас и за оние кои ги сакате. Неконтролираниот бес може да доведе до кавга, физичко малтретирање, напад или до само-повредување. Спротивно, ако добро се справувате, бесот може да е корисна емоција, која ве мотивира да направите позитивни измени.

Физички ефекти
Бесот предизвикува одговор на организмот за борба. Сличен ефект имаат и некои други емоции, како страв, возбуда и уплашеност. Надбубрежните жлезди ослободуваат големи количини на т.н. стрес хормони, како што се адреналинот и кортизолот. Како резултат, доаѓа до прераспределување на крвта од цревата во мускулите, како припрема за физичка активност. Расте бројот на срцевите отчукувања, расте крвниот притисок, бројот на респирациите и телесната темепратура, а кожата се поти. Мозокот е напнат и фокусиран.

Здравствени проблеми кои може да настанат како последица на неконтролиран бес?
Константното преплавување со стресни хемиски супстанци е поврзано со метаболички пореметувања, кои во крајна линија може да доведат до оштетување на различни системи во организмот. Некои од здравствените проблеми кои се поврзуваат со лошо контролираниот гнев се:

  • Главоболка.
  • Стомачни проблеми, пр. болка.
  • Несоница .
  • Зголемена напнатост .
  • Намалено расположение, незаинтересираност, губиток на енергија.
  • Покачен крвен притисок .
  • Кожни проблеми (на пример егзема) .
  • Срцев удар.
  • Мозочен удар.

Непожелни начини за справување со бесот
Многу луѓе го изразуваат својот гнев на неодговарачки и потеницјално опасен начин, како:

  • Експлозивен бес -некои луѓе имаат многу мала контрола и тенденција да избувнуваат. Ова може да доведе до физички напад или насилство. Лицето кое не го контролира својот гнев, може да се изолира себеси од фамилијата и од пријателите. Некои луѓе кои манифестираат вакви испади, всушност поседуваат ниско чувство на самопочит, а својот гнев го користат како начин да се чувствуваат моќно.
  • Потиснување на бесот- некои луѓе сметаат дека бесот е непожелна емоција и одбираат да го потиснат. Потиснатиот бес често преминува во депресија и анксиозност. Некои луѓе, својот гнев го празнат на невини жртви како што се децата или домашните миленичиња.

Како правилно (на здрав начин) да го изразите бесот (гневот)?
Следните сугестии може да се од корист:

  • Ако почувствувате дека не може да се контролирате, привремено напуштете ја ситуацијата, додека не се смирите.
  • Прифатете ја емоцијата, како нормален дел од животот.
  • Обидете се да ги утврдите вистинските причини зошто се чувствувате гневни.
  • Штом еднаш го идентифицирате проблемот, размислете околу стратегиите за разрешување на ситуацијата.
  • Направете нешто физички, излезете надвор, трчајте или спортувајте.

Како долготрајно да се справувате со бесот?
Начинот на кој го изразувате гневот со време може да го модифицирате. Следните сугестии може да ви бидат од корист:

  • Регистрирајте ги вашите експлозивни реакции ( водете дневник), за да можете да анализирате зошто „побеснувате“.
  • Размислете за техники на самоконтрола и разрешување на конфликти.
  • Обидете се со техниките за релаксација , како што се медитација и јога.
  • Побарајте совет од психолог, ако сеуште чувствувате гнев околу некои настани кои се јавиле во минатото.
  • Редовно вежбајте. Покажано е дека редовното вежбање може да го подобри расположението и да го намали стресот. Ефектот може да е двоен: физичкиот напор ги согорува стресните хемиски супстанци и потпомага во продукцијата на т.н. хормони на доброто расположение ( ендорфини и катехоламини).

Како да ги воспитувате децата за правилно да се справуваат со бесот?
Следните сугестии може да му помогнат на вашето дете, да се справи со силните чувства :

  • Покажете му со својот пример. Нека знае дека бесот е природен и дека треба да се изрази.
  • Третирајте ги чувствата на вашето дете со респект.
  • Покажете му ги практично, вештините за разрешување на проблемите.
  • Потикнете отворена и чесна комуникација.
  • Дозволете му да го изрази својот бес на одговарачки начин.
  • Објаснете ја разликата меѓу бес и агресија.
  • Казнете ја агресијата или насилството, но не гневот кој е адекватно изразен.

Каде да се обратите за совет?

  • Вашиот доктор
  • Психолог
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Асс.д-р Камка Пакетчиева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.