Што се подразбира под контрола на хигиенските навики?
Воспоставување на контролата на сфинктерите(мокрење и голема нужда), преставува важен период во социјалниот развој на детето.
Се смета дека детето ги контролира своите сфинктери, тогаш кога ќе може да отиде до тоалетот или до нокширот, да ги соблече гаќите без да се искака или измочка во нив.
Кога детето е спремно за тренинг?
Помеѓу 18 месеци и три години детето станува способно да ја препознае потребата да оди во тоалет. Стекнувањето на хигиенските навики е нова вештина која тоа треба да ја научи. Следните знаци укажуваат дека е време да се започне со тренинг:
- Детето останува суво, најмалку 2 часа во тек на денот. Останува суво и во тек на дневното спиење. Цревните празнења стануваат редовни и може да се предвидат.
- Детето знае да каже кога има нужда (рипа нагоре- надоле, се стега или ви кажува дека треба да оди во тоалетот).
- Може да следи едноставни инструкции. Може самото да оди до тоалетот. Може да се соблече само или со помош.
- Не се чувствува пријатно во измочани/искакани пелени и сака да му ги смените. Бара да користи тоалет или сака да носи долен веш, како поголемите деца.
- Треба да постои и емотивна спремност. Некои ситуации може неповолно да влијаат на неговата емотивна спремност пр. селидба, раѓање на нов член во фамилијата, развод и др.
Не го форсирајте детето пред да почувствувате дека е спремно.
Како да го научите?
Вежбајте користење на нокшир. Научете го да ви каже кога има нужда. Пофалете го за секој мал успех. Одлучете кои зборови ќе ги користите за мочкање и какање. Користете зборови кои ќе може да ги користи и пред семејството и пред пријателите. Избегнувајте зборови кои ќе звучат грубо (како смрди или нечисто). Наместо тоа, користете едноставни зборови ( на пр. дали си влажен или сув ?).
- Навикнување на нокширот. Може да користите нокшир или ако детето е спремно може да користите додаток прилагоден за величината на детето, кој се става на тоалетната шоља. Најдобро е ако нозете може да му се допираат до земјата. Дозволете да седнува на нокширот облечено додека си игра, гледа телевизија или ужина. Така ќе се навикне и нема да се плаши. Никогаш немојте да го терате со сила да седи на нокшир ниту да го врзувате за нокшир.
- Помогнете му самото да ги забележи знаците кои ќе му покажат дека треба да оди во нужник! Охрабрете го да ви каже кога му се оди во нужник. Пофалете го и тогаш кога ви кажало откако се измочало или искакало во гаќи. Охрабрете го следниот пат да ви каже порано. Внимавајте на знаците кои укажуваат дека му се оди по нужда. Може да му се зацрвени лицето или да престане со играта. Запрашајте го “Дали ти треба нокширот“? Пофалето го ако ви каже дека сака да му ги промените пелените гаќите или ако ви каже дека сака да оди во бањата.
- Превземете практични чекори во бањата. Ставете го нокширот во бањата. Заедно одете во бањата на секои 1-1.5 час до 2 часа. Ставајте го на нокшир или на шоља наутро кога ќе се разбуди, по секој оброк и пред да оди на дневната починка. Во почетокот ставајте го само неколку минути. Ако дава отпор веројатно не е сеуште спремно. Бидете трпеливи и чекајте подобро време. Ако не дава отпор, дозволете му да седи на шољата подолго ( на пример 5 минути). Ако за тоа време ништо не направи , префрлете се на друга активност. Охрабрете го детето да користи нокшир тогаш кога ќе забележи знаци дека има потреба од нужда. Некои деца започнуваат со седење на нокширот иако и понатаму мочкаат/какаат во пелени. Оваа пракса обично се прекинува по 1-2 месеци. Пофалете го вашето дете за секој мал успех. Пофалете го со убав збор, насмевка или со нешто што детето го сака. Избегнувајте казнување. Ова може да причини вашето дете да се чуваствува непријатно и да го продолжи навикнувањето. Важно е да се вреднува и најмалиот успех и да не се реагира ако дојде до акцидент.
Колку долго ќе трае учењето?
- Секое дете е различно . Децата често прво научуваат да ја контролираат големата нужда. Обично им треба подолго време за да научат да контролираат мокрење. Машките деца често прво научуваат да мократ во седечака положба, а подоцна променуваат во стоечка положба.
- Повеќето деца контролираат и мала и голема нужда некаде околу 3-4 година. Контрола на ноќното мокрење се стекнува подоцна. Некои деца долго време мократ ноќе и тоа не е ретка појава во детството. Повеќето девојчиња и 75% од машките деца престануваат да мократ ноќе по петата година.
Што ако не успевате со тренингот?
Не го форсирајте детето пред да е спремно. Очекувајте акциденти (помочување и покакување), тоа е нормална појава. Не покажувајте разочарување ако вашето дете направи “грешка“. Не го казнувајте ако му се случи гршка или ако дава отпор за тренинг. Притисок врз детето може да доведе до отпор. Бидете стрпливи и чекајте подобро време. Ако тренингот оди тешко, тоа е знак дека детето суште не е спремно.
Корисни совети
- Останете со детето додека седи на нокшир. Читајте му или зборувајте со него.
- Понекогаш е корисно ако му покажете како се употребува тоалетот. Децата сакаат да имитираат. Најдобро е жените да им покажат на женските деца а мажите на машките деца. Детето може да научи од родителите, сестрата, братот, или некој друг близок до фамилиајта.
- Помогнете му на детето да научи да го употребува тоалетот. Нека пушта вода и нека гледа како исчезнува хартијата или изметот.
- Девојчињата треба да се учат да се бришат од напред кон назад за да се избегне пренос на микроорганизмите кон вагина.
- Научете го детето како се мијат рацете и нека ги мие секогаш по употребата на тоалетот.
Кога да се извадат пелените?
Штом детето останува суво подолг период, извадете ги пелените и облечете му панталони (широки, кои лесно се соблекуваат). Ако детето успева половина од нуждите да ги врши во нокшир, тоа е знак дека е спремно за панаталони. Ноќе и понатаму ставајте пелени. Бидете спремни за „грешки“. Обично поминуваат месеци додека детето научи потполно да се контролира.
Кога да се обртите на лекар?
- Обратете се на лекар ако чувствувате загриженост околу воспоставувањето на хигиенските навики.
- Ако детето покажува отпор кон тренингот или ако има запек.
- Ако е постаро од 5 години и сеуште мокри дење.
Каде да се обратите за помош?
- Кај вашиот педијатар
- Психолог
|