. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Покачен крвен притисок кај деца

 
  Објавено на: 25.05.2007

Обично се смета дека покачениот крвен притисок (хипертензија) е проблем кој се сретнува само кај возрасните. Тоа не е точно. Хипертензија може да е присутна во сите возрасти, дури и во периодот на доенчето. Просечно, 5 од 100 деца имаат крвен притисок над нормалата, иако само 1 од 100 имаат медицински значајна хипертензија.
Терминот крвен притисок обично се однесува на две одделни вредности:

  • систолниот притисок е највисокиот притисок кој се постигнува во артериите кога срцето ја пумпа крвта во циркулаијата;
  • дијастолен крвен притисок е знатно понизок притисок кој се јавува во артериите кога срцето се релаксира за да прими нова крв помеѓу два удари. Ако систолниот или дијастолниот притисок или и двата се над вредностите кои се сренуваат кај здрави индивидуи од ист пол и возраст, тоа се нарекува хипертензија.

Хипертензијата е почеста кај црната раса. Во некои делови на светот се јавува почесто пр. многу е ретка кај Ескимите во Аљаска, но честа во Јапонија. Во многу случаи хипертензијата се развива со возраста. Детето може да нема знаци за покачен притисок како доенче, но тие може да се развијат подоцна со растењето.

Кои се причините за покачен крвен притисок?
Најчесто не може да ја утврдиме причината зошто се покачил крвниот притисок и во тој случај зборуваме за примарна хипертензија или есенциелна хипертензија.
Сепак , ако хипертензијата е многу изразена, обично тоа е симптом на некој сериозен проблем ( бубрежна болест, абнормалност на срцето и неуроендокриниот систем, во кој случај зборуваме за секундарна хипертензија. Постои правило колку детето е помало и колку хипертензијата е потешка, толку е поголема веројатноста дека се работи за секундарна хипертензија.

Кои се последиците од покачениот крвен притисок?
За среќа, крвниот притисок сам по себе кај деца ретко предизвикува сериозен проблем и обично може да се контролира со комбинација на диета и лекови.

  • Сепак, ако хипертензијата тре подолго или ако се влошува со годините, пролонгираниот покачен крвен притисок може да доведе до срцева слабост.
  • Покрај тоа, стресот на крвните садови во мозокот може да доведе до нивно руптурирање и да настане удар.
  • Долготрајна хипертензија исто тка предизвикува промени во зидот на крвните садови што може да резултира со оштетување на бубрезите , очите и другите органи.
Затоа, ако кај вашето дете е утврден покачен крвен притисок треба да се следат упатствата кои ви ги дава вашиот педијатар.

Симптоми на покачен крвен притисок
Најчесто хипертензијата се открива случајно при рутински преглд и мерење на крвниот притисок, без симптоми. Сепак следните симптоми може да укажат на хипертензија:
  • Главоболка
  • вртоглавица
  • Краток здив ( отежнато дишење)
  • Визуелни пречки – пореметувања
  • Замор

Кои испитувања треба да се направат?
Ако кај вашето дете се открие висок крвен притисок, вашиот педијатар ќе препорача низа тестови за да утврди дали постои медицински проблем. Во овие тестови спаѓаат преглед на урината и крвта. Понекогаш е потребно да се направат рентгенски снимања со кои ќе се процени состојбата на крвоснабдувањето во бубрезите. Ако не се утврди медицински проблем , се поставува дијагноза есенциелна хипертензија.

Третман на покачен крвен притисок кај деца

  • Ограничете го внесот на сол. Првиот чекор кон редуцирање на крвниот притисок кај вашето дете е да ја намалите количината на сол во храната. Откажувањето од сол и солена храна може да доведе до нрмализација на умерена хипертензија, и ќе помогне да се намали дури и сериозна хипертензија. Треба да се внимава кога купувате продукти со пакувана храна бидејќи најголемиот дел од конзервираната и процесираната храна содржи доста сол , затоа внимателно прочитјте го составот за да се осигурте дека има малку или воопшто нема сол.
  • Диета, вежбање и лекови. Педијатарот ќе ви сугерира вашето дете повеќе да вежба. Физичката активност помага во регулирање на крвниот притисок и помага да се редуцира лесна хипертензија. Редукција на телесната тежина кај дебели индивидуи може да довед до намалување на крвниот притисок; покрај тоа ова обезбедува и други користи за организмот. Штом еднаш се утврди дека вашето дете има покачен крвен притисок, педијатарот ќе сака да го контролира најмалку еднаш на 6 месеци, за да се осигура дека не дошло до влошување на хипертензијата. Ако дојде до влошување покрај диетата и физичката активност треба да се дадат и медикаменти. Постојат повеќе типови на медикаменти со различен механизам на делување. Кога крвниот притисок кај вашето дете се нормализира било како реултат на диета или медикаменти, може да дојдете во искушение повторно да ја зголемите количината на сол во храната или да прекинете со земањето на медикаменти, бидејќи ви изгледа дека проблемот е решен. Внимавајте, ова може да доведе до повторна појава на хипертензија, бидете сигурни дека ги следите упатствата на вашиот педијатар.
Превенција на покачен крвен притисок
Важно е хипертензијата да се открие рано. Заради тоа потребно е крвниот притисок кај детето да се мери најмалку еднаш годишно. Дебелите деца се со поголема веројатност да развијат хипертезија. Затоа внимавајте на калорискиот внес кај вашето дете и на неговата физичка активност. Ваквиот пристап е разумен и за децата кои немаат покачен крвен притисок. Нема јасен доказ дека солта го предизвикува проблемот, но нема потреба од внесување на многу сол, а штом еднаш се навикне на солениот вкус, ќе биде потешко повторно да се намали ,во случај повторно да добие хипертензија.


Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Детски нефролог/кардиолог
  • Клиника за детски болести- нефролошка консултативна амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.