. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Хипоспадија

 
  Објавено на: 25.05.2007

Што е хипоспадија?
Тоа е состојба во која уринарниот канал кај машкото дете ( наречен уретра), не се отвара на врвот на пенисот. Причината најчесто не е позната, иако почесто се јавува во некои фамилии. Зачестеноста на оваа аномалија изнесува 1 на 300 новородени машки деца. Отворот може да се наоѓа било каде вдолж петелката на пенисот дури и толку далеку до скротумот. Покровната кожичка на пенисот кај хипоспадија е исто така абнормална. Често, кај хипоспадијата е присутна и трака која го влече пенисот надолу.

Дали е неопходна операција?
Ако отворот кај хипоспадија е вдолж петелката на пенисот, а пенисот е прав, единствена причина за операција е да се добие нормален изглед. Ако отворот на уретрата се наоѓа поназад на пенисот или дури на скротумот, или ако е присутна трака која влече, тогаш ова може да го поремети мокрењето, сексуалната активност и подоцна фертилитетот.

Кога треба да се превземе операција?
Повеќето педијатриски уролози веруваат дека идеално време за корекција на хипоспадијата е помеѓу 6 и 18 месеци. Се верува дека во оваа возраст се помали негативните психолошките ефекти: ефектот на одвојување од родителите и свесноста за гениталиите.

Во што се состои хируршката интервенција?
Постојат повеќе различни техники за решавање на хипоспадијата. Најдобрата техника зависи од специфичната форма на хипоспадијата и од персоналното искуство и афинитет на педијатрискиот уролог во однос на различните техники. Со модерните техники хипоспадија најчесто се третира со една операција, но некогаш се потребни неколку операции. Детето може да си ода дома уште следниот ден по операцијата, со бандаж на пенисот кој ќе остане неколку дена. Често се остава и стент- цевка во пенисот. Оваа цевка се фиксира со помош на еден шав, кој ќе се отстрани по 7-10 дена.

Кои се можните компликации при операцијата на хипоспадија?
Најчестата компликација по операцијата на хипоспадија е формирање на фистула која се отвара вдолж новоформираниот канал. Ова резултира со тоа што урината нема да излегува од врвот на пенисот, туку од тој отвор. Ако ова се случи, ќе треба да се направи втора операција за затварање на фистулата.
Ласерската хирургија ја намалува појавата оперативните фистули но за жал таа не е достапна насекаде ( не е достапна нити во нашата земја).
Друга можна компликација е ако на местото на новиот отвор на уретрата се создаде сврзно ткиво и тој стане многу мал ( тесен). И во тој случај е потребна нова операција. Со модерните оперативни техники овие компликации се сретнуваат поретко.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Детски хирург
  • Клиника за детска хирургија
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Асс. Др.сц. Миле Петровски

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.