. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Импетиго

 
  Објавено на: 12.04.2005

Под импетиго се подразбира инфекција на кожата која се јавува често кај помалите деца. Предизвикувачи се бактерии кои најчесто ја напаѓаат кожата која претходно e оштетена од различни причини ( рана, гребнатинка, изгореница). Нејчесто се зафатени рацете и лицето, а особено пределот околу носот и устата. Инфекцијата е олеснета кај деца кои имаат постојано мрсулав и влажен нос, кои си ги гризат усниците, деца кои си го цицаат палецот или кои се чeшаат на местото на убод од инсекти и со тоа предизвикуваат гребнатинки на кожата.

Како се пренесува?

  • Импетигото е заразна болест која се пренесува преку рацете или со директен контакт со лезиите- и тоа на други делови од телото или на на други деца.
  • Инфекцијата може да се пренесува и преку контаминирани алишта или крпи кои биле во контакт со отворени рани.  

Кои се знаците и симптомите?
Прво на кожата се јавуваат црвеникаво пребоени петна , кои потоа се полнат со течност (т.н. блистери-меури). Блистерите лесно прснуваат а течноста се разлева формирајќи красти, со медова боја. Понекогаш блистерите не прснуваат, или прснуваат без да се формираат красти, а на нивно место се продуцира подрачје со розово-црвеникава боја. Импетигото не предизвикува покачување на температурата.

Колкав е инкубациониот период?
Инкубациониот период е од 4-10 дена.

Колку време детето е заразно за другите и кога може да се врати во градинка/училиште?
Заразниот период во кој децата треба да се исклучат од установите со дневен престој изнесува 24 часа по започнување на антибиотската терапија. По овој период се смета дека промените веќе не се заразни.

Како се лекува импетиго?
Може да се третира со антибиотски масти или со перорални антибиотски лекови или комбинирано со двете. При локалниот третман на промените, прво треба да се отстранат крастите, со внимателно миење или само со овлажнување.

Дали се можни компликации?

  • Ако не се лекува, инфекцијата може да се прошири на други делови од телото, со можност преку крвотокот да се пренесе и на оддалечени места (т.н. септични компликации).
  • Покрај тоа, ако импетиго-то е предизвикан од бактерија од групата стрептокок, може да настане имунолошка реакција и како резултат на ова воспаление на бубрезите- т,н. постстрептококов гломерулонефритис.

Дали може да се превенира импетиго?

  • За да се превенира ширење на импетигото, лицата кои имаат контакт со рани треба добро да ги мијат рацете со сапун и вода.
  • Децата кои имаат вакви промени на кожата, треба да имаат одделни алишта и крпи кои нема да се мешаат со останатите.
  • Ако се сомневате дека вашето дете има импетиго, задржете го дома и контактирајте го вашиот доктор. Ако лекарот констатира дека навистина има импетиго, информирајте ги одговорните во градинката/училиштето, за да превземат засилени мерки на превенција.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Дерматолог
  • Клиника за детски болести, општа амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Прим.д-р Лилјана Кртева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.