. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Индиректно доење

 
  Објавено на: 12.04.2005

Кои се причините мајките да ги хранат бебињата со измолзено млеко?

  • Бебето има потреба од додатна количина на млеко, по завршеното цицање.
  • Заради некоја причина, бебето може да не е способно добро да цица од градата.
  • Мајката мора да оди на работа .
  • Мајката излегува или едноставно сака да има мала пауза од одговорноста на доењето .
  • Некои жени регуларно се молзат, за да ја зголемат продукцијата на млеко.

Како се создава мајчино млеко?

  • Во градата млекото се складира во фини кесички ( т.н. алвеоли) и преку систем на каналчиња се пренесува до врвот на брадавицата. За да се зголеми надоаѓањето на млеко во градите одговорен е т.н. 'let-down' рефлекс. Овој рефлекс започнува кога нервните завршетоци кои се наоѓаат на брадавицата се стимулираат со цицањето или со мануелно дразнење.
  • Важна улога во продукцијата на млеко играат хормоните. Кога се стимулира брадавицата, се испраќа сигнал до хипофизата (жлезда во мозокот) и таа лачи хормон наречен окситоцин. Окситоцинот предизвикува алволите кои се полни со млеко да се контрахираат и така млекото се поместува во каналчињата. Од таму се придвижува кон брадавицата и почнува да капе.
  • Најдобара стимулација за овој процес е устата на бебето кое цица, но ако се стимулира брадавицата со рака ( во комбинација со масажа на градата и експресија на млекото) може исто така да го започне процесот на ослободување на млекото. Во првата недела по породувањето, жените просечно продуцираат околу 300-500 мл. млеко за 24 часа. Во следните 2-3 недели оваа количина се зголемува на 600-700 мл/24 часа.

Три начини да се измолзе млеко
Постојат три начини да се измолзи млекото:

  • Рачно
  • Со помош на рачна пумпа
  • Со електрична пумпа

Рачно измолзување. Тоа е најевтин и најпогоден начин. Штом се извештат, мајките можат да измолзуваат млеко во било кое време. Тоа значи, дека нема потреба да се купува или позајмува било каква специјална опрема , која може да е скапа. Пред да започнете со измолзување следете ги следните упатства:

  • Измијте ги рацете внимателно со сапун и вода .
  • Обидете се да се олабавите . 'Let-down' рефлексот се успорува ако сте вознемирени. Помага ако вашето бебе е близу вас. Понекогаш доволна е самата помисла на бебето.
  • Масирајте ги градите со дланките, одејќи кон брадавиците. Може да помогне, ако нежно ја протресувате секоја града посебно.
  • Поставете го палецот над брадавицата на краевите од ареолата, а првите два прста под. Нежно притискајте го градното ткиво назад, кон градниот кош и компримирајте. На тој начин, се движите вдолж млечните канали доведувајќи мала количина млеко, кое се наоѓа во каналите. Набрзо млекото ќе се појави на брадавицата.
  • Нежно измасирајте ја брадавицата со првите капки. Тоа понатаму ќе го стимулира 'let-down' рефлeксот и протокот на млеко, па измолзувањето станува полесно.
  • Континуирано притискајте ја и измолзувајте брадавицата и ареолата со ритмички движења . Набрзо, млекото ќе започне континуирано да тече- понекогаш дури и да шприца.
  • За да не ги заморите мускулите, сменувајте ги рацете.
  • По околу 5 минути, или кога ќе видите дека течењето на млекото се намалило на неколку капки, повторете го истото на другата дојка.
  • Повторувајте ја истата техника на секоја града, вкупно околу 30 минути. Ако секоја града ја измолзете три пати, по пет минути, тоа нема да ви одземе повеќе од половина час.
  • Дури и ако користите пумпа, добро е да го прекинете молзењето и последните капки да ги измолзете рачно. Ова млеко е богато во масти и преставува значаен извор на енергија на вашето бебе.

Измолзување со рачна пумпа. Некои мајки преферираат да користат рачна или електрична пумпа. Тоа може да им изгледа побрзо и добиваат повеќе млеко. Не треба да се употребува никаква пумпа пред да дојде млекото. Пумпа треба да се избегнува, ако постои оштетување на брадавицата и оток и промени на ареолата. На пазарот, на располагање се повеќе пумпи. Не се сите добро дизајнирани. Рачната пумпа треба да е ефикасна, удобна, лесно да се употребува, треба да е сигурна за употреба ( да не ја оштетува брадавицата или ареолата) и да е економична. Придржувајте се кон следните упатства:

  • Прво рачно стимулирајте го 'let-down' рефлексот. Кога ќе почне да тече млекото, префрлете се на пумпа.
  • Поставете го испакнатиот дел од пумпата над вашата брадавица и држете ја цврсто пумпата наспроти градата. Ритмички притискајте и ослобдувајте ја рачката на пумпата. Млекото ќе започне да тече во садот за собирање.
  • Прилагодете ја јачината, така да ви биде удобно и да не ви предизвикува болка. Претерана сукција нема да доведе до ослобдување на екстра млеко, а може да ви предизвика болка и повреда на брадавицата.
  • Завршете со рачно молзење за неколку моменти, за да ги отстраните последните капки на збогатено млеко.

Измолзување со електрична пумпа. Некои мајки одбираат електрична пумпа. Во побогатите земји на располагање се некоку добро дизајнирани модели на пумпи кои може да се изнајмуваат. Во нашата земја нема таква можност. Постојат модели кои дозволуваат истовремено да измолзувате млеко од двете гради – т.н. дупла пумпа, со што се штеди времето. Следните сугестии може да се од корист:

  • Одберете модел со одговарачка сукција. Ако сукцијата е многу јака, тоа може да е болно и да предизвика повреди на брадавицата, а нема да доведе до измолзување на повеќе млеко.
  • Стимулирајте го прво рачно 'let-down' рефлексот . Штом ќе почне да тече млекото, префрлете се на пумпата. Почнете со понизок притисок, а потоа постепено зголемувајте го притисокот, но така да не ви биде неудобно. Проверете дали предниот дел на пумпата е центриран врз вашата брадавица.
  • Завршете со рачно молзење за да ги отстраните последните збогатени капки млеко.

Ако ја користите пумпата само повремено, можеби ќе ви е доволна мала поратабл пумпа на батерии. Може да е многу згодна бидејќи е мала и лесна. Сепак вакви пумпи не се предвидени за поголема работа. Ако имате намера да измолзувате во подолг временски период, ќе ви треба електрична или рачна пумпа.

Генерални совети во врска со измолзувањето

  • Дајте си самите време за да научите како се измолзува млеко; тоа е вештина како било која друга. Нe се двоумете да прашате професионалец, ако нешто не ви е јасно.
  • Треба да се измолзувате најмалку на 4-5 часа за да избегнете маститис. Измолзувајте се онолку често, колку што инаку би го доеле детето.

На пример, ако вашето бебе цица 6 пати во тек на 24 часа, вие треба да се измолзувате најмалку 6 пати. Измолзувајте се и почесто ако мислите дека не може да одговорите на барањата на детето. Понекогаш мора да се измолзувате на секои два сати во тек на 1-2 дена. Во тек на ноќта измолзувајте се најмалку еднаш, за да го одржувате млекото. Ако не се празнат градите на секои 4-5 часа, тешко може да се одржи млекото во подолг временски период. Пролактинот, хормонот одговорен за создавање на млеко, има највисоко ниво помеѓу полноќ и 4 часот попладне, затоа молзењето во овој период обезбедува подобро надоаѓање на млекото.

  • Избегнувајте да му давате на бебето додатни шишенеца со млеко од формула. Вашите гради работат врз системот „снабдува –бара“. Ако ги празните градите повеќе, повеќе млеко ќе се создава; ако го оставате млекото во вашите дојки, ќе се намали создавањето на млеко.
  • Ако продуцирате повеќе млеко одколку што му треба на бебето, вишокот на млеко ставете го фрижидер.

Како да се чува измолзеното млеко?
Мајчиното млеко треба да се чува коректно за да се намали можноста за раст на бактерии. Придржувајте се кон следните упатства:

  • Секогаш кога е возможно, користете свежо млеко.
  • Измолзувајте се во чист и стерилизиран сад (стаклена или пластична чаша). На секој сад означете дата и време.
  • Ставете го фрижидер, во тек на еден час по измолзувањето.Чувајте го мајчиното млеко во делот на фрижидерот ( позади) каде е најладно (4°C или пониско), не во делот на вратата, ако имате намера а го користите во наредните три-пет дена.
  • Замрзнете го веднаш, ако немате намера да го користите во следните неколку дена. Немојате да го мешате млекото од фрижидер или смрзнатото мајчино млеко со свежо млеко, освен ако не сте го смрзнале пред тоа. Употребливоста на смрзнатото мајчино млеко зависи од можностите на вашиот замрзнувач. Ако вашиот замрзнувач е во внатрешноста на вашиот фрижидер , времето на чување изнесува две недели. Ако замрзнувачот е посебен од фрижидерот со сопствена врата, времето на чување е до три месеци. Мајчиното млеко може да се чува 6-12 месеци во фрижидер за длабоко смрзнување (-18°C или пониско)
  • Одмрзнувајте го смрзнатото мајчино млеко така што ќе го ставите во фрижидерот, за да се одмрзне споро, во тек на 24 часа. Исто така, може да ставите ладна вода над контејнерот и постепно да ја зголемувате температурата на водата. Немојте да го затоплувате млекото на шпорет, бидејќи ќе се разградат многу од нутритивните состојки, а може да ја изгорите устата на бебето. Никогаш не користете микробранова печка. Тоа е потенцијално опасна практика, бидејќи во вака нерамномерно загреано млеко може да останат топли точки, кои може да доведат до изгоретини во устата на детето. Смрзнато мајчино млеко кое се одмрзнува во фрижидер (но не се загрева) ќе може да го употребите во следните 24 часа ако е во фрижидер, и во следните 4 часа ако го чувате на собна темепратура. Не е дозволено повторно да се смрзнува. Ако се одмрзнува надвор од фрижидерот, со помош на топла вода, ваквото млеко може да го употребите во следните 4 часа ако го чувате во фрижидер и не е дозволено повторно да се смрзнува.

Совети во врска со хигиената
Мајчиното млеко ( како и било кое друго млеко) може да се загади преку користење на нечиста пумпа или нечисти шишиња и цуцли. Придржувајте се на следните совети:

  • Пред да се измолзувате внимателно измијте ги рацете со вода и сапун. .
  • Проверете дали е чиста целата опрема, вклучувајќи ја и пумпата, шишињата и цуцлите.
  • Ако користите ваша сопствена пумпа ( не ја делите со други), нема потреба од стерилизација по секоја употреба. Доволно е да се измие со топла вода и сапун и садот да се чува чист и покриен.

Сепак шишињата и цуцлите треба да ги стерилизирате.

Каде да се обратите за совет?

  • Вашиот педијатар
  • Клиника за детски болести
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Проф.д-р Стевка Грујовска

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.