. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Инфекции на уринарниот тракт кај деца
Што е инфекција на уринарниот тракт?Што е причината? • Зошто се значајни уринарните инфекции? Кои се симптомите/знаците за ИУТ? • Како се потврдува дијагнозата? Како се лекува ИУТ? Кога моето дете треба да остане во болница? • Колку долго ќе остане во болница? • Дали се потребни дополнителни снимања? Дали може да се превенира нова инфекција? • Дали како резултат
на уринарната инфекција ќе се оштетат бубрезите? •
Што да се направи ако се сомневате за нова ИУТ? Каде да се обратите за помош?
 
  Објавено на: 07.09.2005

Што е инфекција на уринарниот тракт?
Вашето дете има инфекција на уринарниот тракт (или скратено ИУТ), тогаш кога во урината ќе се утврди сигнификантен (значителен) пораст на бактерии. Лекарот ќе ви каже дали некој број на бактерии е сигнификантен. Покрај тоа, присутни се одредени симптоми и знаци кои сугерираат уринарна инфекција.

Што е причината?
Инфекциите на уринарниот тракт се предизвикани од бактерии. Бактериите навлегуваат прво во мочниот меур, качувајќи се по уретрата.

  • Генерално, уретрата е заштитена, но ако отворот на уретрата (или кај девојчиња вулвата) се воспали, бактериите лесно се размножуваат.
  • Кај дел од децата инфекцијата настанала заради присуство на аномалии кои го попречуваат нормалниот проток на мочката: опструктивни аномалии или везикоуретерален рефлукс.
  • Децата кои страдаат од т.н. дисфункционално мокрење (започнуваат па го прекинуваат млазот на мокрење, често се подмочуваат) почесто добиваат уринарна инфекција.

Зошто се значајни уринарните инфекции?

  • Кај вашето дете, инфекцијата може да предизвика заболување и може да покажува склоност да се повтори.
  • Кај дел од децата со ИУТ, кај кои се присутни аномалии, тие треба адекватно да се третираат, за да се спречи оштетување на бубрезите. За да се утврди дали постојат аномалии, потребно е да се направат одредени снимања на бубрезите и уринарниот систем, како ехо а евентуално и други снимања.

Кои се симптомите/знаците за ИУТ?
Повеќето деца кои имаат инфекција на мочниот меур (циститис) се жалат на следните симптоми:

  • Нелaгодност или плачење при мокрење, ова се нарекува дизурија.
  • Зачестено мокрење, оди во тоалет почесто од обично.
  • Почнува да се моча во гаќи во тек на денот и ноќта.
  • Урината е заматена и мириса непријатно (јак мирис).
  • Во урината има крв- ова се нарекува хемaтурија.
  • Детето може да се жали на болки во мешето.
  • Кај потешка инфекција која ги зафатила бубурезите, се јавува висока темепратура, стомачна или слабинска болка, повраќање и општа интоксицираност (лош изглед).

Како се потврдува дијагнозата?
Дијагнозата се потврдува со микроскопски преглед и со бактериолошко испитување на урината.

Како се лекува ИУТ?
Веднаш по земањето на урината за преглед, треба да се започне антибиотска терапија, која има за цел да ги уништи бактериите. Лекарот ќе одлучи кој антибиотик да се даде, во зависност од тежината на клиничката слика и возраста на детето, а по добивање на резултатите од уринокултурата, во зависност од антибиограмот. Кај полесните инфекции, лековите се даваат преку уста и пократко време. Во потешките случаи, детето се упатува во болница, каде лековите се даваат венски, додека е потребно.

Кога моето дете треба да остане во болница?
Тогаш кога има знаци дека инфекцијата го зафатила бубрегот и постои опасност од трајно бубрежно оштетување. Во болницата, детето се поставува на инфузија, преку која му се даваат доволно течности и потребните антибиотици.

Колку долго ќе остане во болница?
Најчесто, температурата кај вашето дете ќе падне и симптомите ќе се подобрат за 48 часа по започнување на антибиотскиот третман. Лекарот ќе каже како ќе се спроведува понатамошната терапија. Можно е лекарот да одлучи антибиотикот да се дава преку уста, во домашни услови. Вкупната терапија најчесто трае 10-14 дена. Во тек на престојот во болницата ќе се направи снимање со ултразвук. Овој тест не бара никаква инекција нити зрачење. Само се става малку гел на стомачето на детето. Со ова снимање се прикажува изгледот на бубрезите и мочниот меур. На крајот на лекувањето, треба да се направат контролни испитувања на мочката и крвта, за да се потврди дали инфекцијата е излекувана.

Дали се потребни дополнителни снимања?
Кај некои деца треба да се направат дополнителни снимања, со кои ќе се исклучи везикоуретерален рефлукс и бубрежно оштетување: цистографско снимање и ДМСА скен. Овие снимања треба да се направат кај децата со уринарна инфекција во следните ситуации:

  • Ако со ултразвук се открие аномалија која треба понатаму да се доиспита.
  • Ако ултразвучниот преглед е нормален, но детето е мало (под 5 год.)
  • Ако има додатно други проблеми, пр. постојано се подмочува или има повторувачки инфекции.

Дали може да се превенира нова инфекција?
За да се спречи повторна инфекција треба да се превземат следните мерки:

  • Детето не смее да има затвор - децата кои имаат затвор може да не го празнат добро мочниот меур. За да се подобри цревниот транзит, потребно е да се внесува храна богата со влакнести материи- интегрална храна, зеленчук, овошје. Понекогаш мора да се даваат лаксативи (Порталак).
  • Треба да се зголеми внесот на течности- детето треба да се охрабри да пие повеќе течности и редовно и комплетно да го празни мочниот меур. Понекогаш децата забораваат да одат во тоалет, треба да се потсетат на тоа; на училиште исто така треба да оди да мокри редовно на одморите, на секои 2-3 часа.
  • Кај мали девојчиња важно е да се избегнува се што делува иритирачки во предел на надворешните гениталии. Некои сапуни и шампони може да делуваат иритативно и генералниот совет е да се избегнуваат кај мали деца, кои страдаат од повторувачки проблеми.
  • По завршената тоалета, малите девојчиња треба да се научат правилно да се бришат (од напред кон назад).
  • Долниот веш треба да е од памучна ткаенина, а не од синтетика.
  • Кај машките деца кожичката која ја препокрива главата на пенисот може да е извор за инфекција, треба да се внимава на хигиената на ова подрачје.
  • Уринарни инфекции се почести кај сексуално активни поголеми девојчиња. Треба да се контактира докторот за совет.

Дали како резултат на уринарната инфекција ќе се оштетат бубрезите?
Уринарните инфекции кај децата се релативно чести, но за среќа најголемиот дел од децата немаат трајно бубрежно оштетување, особено ако инфекцијата е локализирана на мочниот меур. Само кај мал број деца настанува трајно паренхимно оштетување-лузни. Важно е детето повторно да се види ако има рекурентни инфекции или ако на иницијалниот ехо била утврдена абнормалност. 

Што да се направи ако се сомневате за нова ИУТ?
Ако вашето дете има симптоми треба да се јавите кај вашиот доктор , и да фатите примерок на урина за преглед , земена на пропишан начин, пред да започнете со било каква антиботска терапија. Дури и ако е викенд, урината може да се сочува во фрижидер и да се однесе на клиниката во понеделник наутро. Внимавајте на појавата на рекурентни инфекции и на антибиотиците кои му ги даваат на вашето дете. Ако вашето дете има повторувачки инфекции, тогаш треба повторно да дојдете на клиниката.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот лекар
  • Детски нефролог/уролог
  • Клиника за детски болести-нефролошка консултативна амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.