. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Упатства за новите мајки
Што треба да знаат новите мајки?Кога да повикам лекар? • Научете да ги разбирате сигналите кои ви ги праќа вашето бебе Факти кои треба да ги знаете • Дневни циклуси Плачење Спремно e за игра • Време е да го превртите на стомак • Знаци кои ви укажуваат дека сака да го пуштите на мир Знаци кои ви укажуваат дека сака да цица • Како да го смирите кога е вознемирео • Вашата поврзаност со детето и раниот развој на мозокот Чувство на тага и постпартална депресија • Знаци за вистинска постпартална депресија
 
  Објавено на: 07.09.2005

Што треба да знаат новите мајки?
Да се грижите за вашето новородено е возбудлива и одговорна задача. Немате искуство? Сепак, не се вознемирувајте. Најважно е да останете сталожени и да ги следите знаците кои ќе ви ги упати вашето бебе, за да ви покаже кога има потреба од вас. Доколку во нешто не сте сигурни, ако имате било какво прашање околу грижата за вашето дете, слободно обратете му се на вашиот педијатар. Ниту едно прашање не е претерано. Здравјето и добросостојбата на вашето бебе се на прво место.

Кога да повикам лекар?
Задолжително повикајте го педијатарот ако забележите: покачена температура над 37.6 C мерена под мишката (премерете повеќе пати-може да е преоблечено или надворешната температура да е висока), промена во однесувањето (плаче без престанок, тешко се смирува , не може да го разбудите ), ако престане да цица, ако мокри помалку (нормално пелените треба да се мокри на секое преповивање – 6 пати во тек на денот), ако забележите повеќе од 4 водени столици во тек на 8 часа, ако од очите се слева густ, жолтеникав секрет, ако се јави црвенило и оток околу папокот, ако се појави пожолтување на кожата и очите, ако е присутна кашлица, ако има промена на бојата на кожата или едноставно ако ви се чини дека бебето „не изгледа добро“.

Научете да ги разбирате сигналите кои ви ги праќа вашето бебе
Сите бебиња имаат многу различни начини со кои ви ставаат до знаење што им треба. Секое бебе има свој „специјален бебешки јазик“, кој се разликува од било кој друг. Грижејќи се за своето бебе, вие ќе научите да ги идентифицирате неговите знаци. Кога вашето бебе сака да си игра или сака да е со вас, тоа се знаци кои ве повикуваат да се приближите. Кога има потреба од пауза или одмор, тоа испраќа сигнали со кои ве упатува дека треба да го оставите. Ако не ги препознаете и задоволите овие сигнали, најчесто бебето реагира со плачење. Следете го изразот на лицето и однесувањето на бебето и препознајте го!

Факти кои треба да ги знаете
Треба да имате некои генерални познавања за бебињата.

  • Бебињата најдобро гледаат лица/објекти на одалеченост од 20-30 см. Тие можат да разликуваат бела од црна боја и лицата на луѓето.
  • Бебињата сакаат да слушаат звуци, но најмногу го сакаат гласот на мајката/домашните. Тие ја вртат главата кон местото од каде доаѓа звукот.
  • Повеќето бебиња сакаат да ги земете во прегратка, да ги ставите во раце или да ги положите на вратот.Така најдобро ве чувствуваат и самите се чувствуваат сигурни.
  • Во тек на првите недели на животот бебињата рефлексно се насмевнуваат. Некаде од 3-4 недела, вашето дете ви се насмевнува како одговор на вашето зборување и внимание.
  • Бебињата нормално ги движат рачињата и ножињата, понекогаш лежат мирно или се стресуваат.

Дневни циклуси
Во тек на 24 часа бебињата поминуваат низ неколку циклуси/периоди, кои меѓусебно се менуваат: периоди во кои спијат, а потоа периоди кога се будни.

  • Мирен сон. Во тек на овој период вашето бебе лежи мирно, сепак одвреме навреме може да се вознемири и стресе. Може да се присутни движби на цицање. Во овој период многу е тешко да го разбудите, ова не е добро време за да го храните или да му се обраќате.
  • Активен сон. Во оваа состојба може да забележите дека прави движења со телото и лицето, движења на цицање или смеење, а капаците на очите од време на време му потреперуваат. Во оваа состојба, вашето бебе лесно може да се разбуди
  • Поспаност. Во состојба на поспаност вашето бебе е малку збунето и прави спори движења (се тегне). Едвај може да ги подигне очните капаци. Ова е состојба пред будење. Почекајте да видите дали ќе поспие уште малку или ќе се разбуди.
    За да го разбудите во овој период дајте му нешто да види, слушне или да цица.
  • Будност. Во состојба на будност вашето бебе прави различни движења. Неговите очи се отворени, а погледот е бистар. Лесно се фокусира на лице, глас или движење на објекти и спремно е да биде со вас. Обидете се да му зборувате нежно, дајте му нешто да види, да слуша или нешто да цица. Клучот на успехот е да не се прави ништо со сила, туку постепено, чекор по чекор.
  • Активна будност. Во оваа состојба, активноста на вашето бебе е поголема (прави различни движења, протестира. Време е да се обидете да го нахраните.

Плачење
Кога плаче бебето прави гримаси, и бројни движења со телото. Со плачење бебето ви покажува дека му е доста од тоа што сте го правеле и дека треба да престанете или да се обидете со нешто друго. Родителите треба да научат да го разбираат плачот. Плачот е говорот на бебето.

Спремно e за игра
Следните знаци укажуваат дека вашето бебе е спремно за играње: запира со движењата, ве закача - загледува во вашето лице, ви се приближува, ги врти очите кон вас, ви се смее, бара храна, лази, гуга, главата е подигната лицето јасно . Кога ќе ги забележите овие знаци време е да му зборувате, да го прошетате, да го нахраните или да си играте.

Време е да го превртите на стомак
Бебињата треба да спијат на грб. Сепак кратки периоди треба да поминат лежејќи на стомак. Ова делува поволно на мускулите на вратот и го стимулира лазењето.

Знаци кои ви укажуваат дека сака да го пуштите на мир(му се спие)
Ја врти главата настрана , плаче, грбот го витка во лак, заспива, се врпољи, ве бутка на страна , ги врти очите на друга страна, го набира челото , очните капаци му паѓаат, прави гримаси, штуца. Треба да престанете со она што сте го правеле (цицање, играње, држење во раце). Понекогаш бебето самото ќе заспие или пак сака само мала пауза.

Знаци кои ви укажуваат дека сака да цица
Очите под очните капаци ги движи брзо , прави покрети на цицање со устата и јазикот, ги става рацете во уста, прави двиижења со телото, испушта одредени звуци. Треба да внимавате на овие знаци, а не круто да се држите за часовникот за да го нахраните своето бебе. Немојте да го будите од длабок сон за да го доите, тоа може да биде фрустрирачко и за бебето и за вас.

Како да го смирите кога е вознемирено
Кога вашето бебе е вознемирено, може да му помогнете со некои активности, кои обично доведуваат до смирување.

  • Покажете му го своето лице да се осигура дека сте тука, нишкајте го, ставите во неговата ограда или столица, зборувајте му со нежен глас, земете го во раце, потпенувавјте му или гугајте му , преповијте го така да биде суво и комотно во пелените (да не го стискаат), погалете го на главата, ножето или грбот, пунудете му да цица.
  • Понекогаш бебето ќе се смири самото и без никаква помош. Тоа го прави така што си ги цица прстите или целата шака, си ги приближува рацете кон устата, со промена во начинот на лежењето, така што гледа лица и слуша гласови.
  • Препознајте ги гасовите во стомачето кога го мачат.

Вашата поврзаност со детето и раниот развој на мозокот
Научниците утврдиле дека вашата релација со детето има влијанаие врз неговиот мозок, на повеќе начини. Начинот на кој вие интереактирате со своето дете во раните години и искустватата со кои вие го снабдувате, имаат големо влијание на неговиот емоционален развој и учењето. Бебињата го паметат начинот на кој вие ги гледате, изразите на вашето лице, вашиот глас додека им гугате, пеете, зборувате или читате. Тие го паметат чувството како ги држите или ги лулате, фамилијарните мириси дури и вкусот на вашата кожа. Особено е важен допирот: држењето во раце и нежното лулање го стимулира мозокот на бебето да ослободува важни хормони, кои му овоможуваат да расте. Клучот на моќната поврзаност помеѓу вас двајцата е вашата љубов. Изразувањето на вашата љубов има влијание врз начинот на кој мозокот на бебето ги формира конекциите. Ако овие конекции се повторуваат во раната возраст, тие ќе станат трајни. Ако на пр. на детето во раните години ретко му се зборува или чита, тоа може подоцна да има тешкотити во изразувањето. Истражувањата покажале дека поврзаноста со вашето дете, му помага подоцна подобро да се справи со стресот во секојдневниот живот. Оваа поврзаност ги активира биолошките системи кои се важни за адаптација на стрес. Децата со силна поврзаност со родителите во раниот период, подоцна полесно се адаптираат на стрес.

Чувство на тага и постпартална депресија

  • По породувањето не е невообичаено да се чувствуваате малку тажни, во тек на првите неколку недели по породувањето. Типично оваа т.н. “бебешка тага“ започнува да се чувствува 4-от ден по породувањето и трае уште 5-10 дена. Станувате претерано осетливи, напнати и уморни или може да имате проблеми со сонот. Повеќето жени се чудат и не им е јасно што им се случува. Потребна е подршка од партнерот и фамилијата и ваквото расположение обично ќе помине само од себе. Сепак можно е да се јават и посериозни депресии. Жени кои се депримирани може да чувствуваат дека тие не се доволно способни да се грижат за своето дете. Тие се нестабилни, емоциите им се променливи.
  • Ако покажувате симптоми на “бебешка тага“ во првата недела од раѓањето на бебето, можете да си помогнете самите, обрнете внимание на следните работи: Одмарајте се повеќе и не се обидувајте се да направите сами, секојдневно туширајте се и облекувајте се, излегувајте од дома - прошетајте со пријателите, доверете му се на својот партнер или на некој на кој му верувате и кажете му како се чувствувате. Бидете блиски со вашата фамилија и уживајте во своето бебе.
  • Консултирајте го вашиот доктор ако овие симптоми не поминуваат или ако стануваат уште поизразени.

Знаци за вистинска постпартална депресија
“Бебешката тага“ не поминува по 2 недели. Присутни се силни чувства на тага и лутина, 1-2 месеци по породувањето. Чувствство на сомнеж, безпомошност, кривица и безилезност. Секојдневната работа се извршува со тешкотии. Иако ваквата жена е уморна, таа не може доволно да спие или обратно спие најголем дел од времето. Апетитот е намален, депримираната жена не наоѓа задоволство во работи во кои претходно уживала, премногу се грижи околу бебето или има чувство дека не може да го сака доволно него или фамилијата. Може да се јави напнатост или напади на паника и страв дека ќе го повреди бебето. Овие чувства скоро никогаш не ги кажува, но тие многу ја плашат. Помислува на самоповреда и/или самоубиство.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот лекар
  • Психолог
  • Психијатар
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Проф.д-р Катица Пиперкова

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.