Што е марихуана?
Тоа е најраспространетата нелегална дрога меѓу тинејџерите- според некои статистики повеќе од една третина пробале барем еднаш. Се добива од растението канабис сатива. Марихуаната се прави од врвовите ( главите) и од лисјата на осушената тревка. Хашиш и маслото од хашиш исто така се добиваат од делови на тревката канабис.
Како изгледа марихуаната?
Постојат повеќе различни форми на канабис:
- Марихуана- најчестата и најслабата форма на канабис. Се прави од сушени лисја и цветови на билката канабис. Цветовите ( односно главите) се најпотентната форма на билката. Марихуаната наликува на стрижена трева која по боја варира од сиво-зеленкаста до зелено-кафејава. Обично се пуши со водена лула (бонг), со обична лула или рачно завиткана во цигара ( џоинт).
- Хашишот се прави од смолата на тревката. Смолата се пресува во мали блокови. Бојата е нешто помеѓу светло браон и црна. Концентрацијата на THC во хашиш е повисока отколку во марихуана.
- Хашишово масло- преставува густ масно-течен екстракт од хашиш кој по боја може да е од златно кафен до црн. Обично се става на врвот на цигарата или во хартијата на цигарата и потоа се пуши. Хашишовото масло е посилна дрога од другите форми на канабис.
Како се употребува?
Канабис се користи на различни начини. Марихуана, хашиш и хашишовото масло може да се пушат. Други начини е преку јадење/пиење, може измешано со други состојки. Ако се пуши, делува брзо, но ако се јаде делува знатно подолго.
Како канабис делува на организмот?
Психоактивната хемиска субстанца во канабисот која доведува да се чувствувате убаво ('high'), се нарекува THC (delta-9 tetrahydrocannabinol). Ако канабисот се пуши, THC оди во белите дробови, потоа преку крвта во мозокот. Ако се прима преку стомакот THC поминува низ стомакот и црниот дроб и потоа во крвотокот и мозокот.
Зошто луѓето употребуваат канабис?
- Канабис предизвикува луѓето да се чувствуваат убаво ("high") или еуфорично, релаксирано ("stoned"). Помага да се чувствуваат посреќни, порелаксирани, потонати во пријатни фантазии, се смеат, зборуваат повеќе.
- Во некои земји канабис се користи при лекувањето на некои болести: го подобрува расположението кај болни од рак на хемотерапија, кај болни од сида а во некои експерименти помага при лекување на глауком ( очна болест).Кај ваквите болни се даваат контролирани количини на марихуана преку уста ( не преку пушење, бидејќи е штетно за белите дробови).
Дали има несакани ефекти?
Несакани ефекти- краткотрајни.
Ефектите на канабис варираат од човек до човек.
- Непосредниот ефект трае два до три часа и покрај доброто расположение, вклучува и некои несакани ефекти. Ако се користи со алкохол, овие ефекти се знатно поизразени и потешки. Се јавува следното: намалена концентрација, пореметена координација, пореметена перцепција за време, простор и дистанца , забрзана срцева акција (пулс), промена во крвниот притисок, поспаност, чувство на зголемен апетит, зацрвенети очи.
- Поголеми дози на канабис ги засилуваат претходните ефекти, а можна е појава и на додатни ефекти како: конфузија , вознемиреност , ексцитираност, халуцинации, паника, одвојување од реалноста , параноја, гадење.
- Ако се зема редовно и во поголеми количини може да предизвика психотични симптоми кои траат неколку дена. Овие епизоди често се карактеризираат како визуелни или слушни халуцинации. Психозата е ментална болест и значи дека некоја личност верува во имагинарни нешта, кои не се реални. Кај луѓе кои имаат предиспозиција за ментална болест, канабис може да предизвика појава на болеста.
Како резултат на долготрајна употреба може да се јават следните ефекти
- Ризик за астма, емфизем, скратен здив, белодробни инфекции, инфекции на грло, уста и канцер на белите дробови.
- Ослабната концентрација, загуба на меморијата и тешкотии во учењето.
- Депресија на имуниот систем, со што се зголемува ризикот за развој на инфекции.
- Сериозна ментална болест како што е шизофренија.
- Бремени жени кои користата канабис имаат ризик да родат дете со помала телесна тежина, недоносено дете, или дете со некои вродени дефекти
- Канабисот содржи повеќе тар и повисоки концентрации на одредени канцерогени супстанци отколку тутунот. Еден џоинт марихуана одговара на 8 цигари.
Што се подразбира под толеранција и зависност кон канабис?
При редовно земање на канабис се развива толеранција, што значи дека за да го постигне иститот ефект лицето мора да зема се поголема количина. Таквите луѓе се психолошки или физички зависни од канабис. Ако немаат канабис доаѓа до физичко страдање, се јавува проблем со сонот, чувство на страв, губиток на апетит и мачнина во стомакот. Овие симптоми се губат за неколку дена, иако проблемите со спиењето може да трајат подолго.
Како да се превенираат негативните здравствени ефекти?
Најдобриот начин да се избегнат штетните ефекти на канабис е да не се употребува- ова особено се однесува за луѓе кои веќе имале психотични епизоди или имаат позитивна фамилијарна историја за психоза.
Ако твојот другар користи канабис, како да му помогнеш?
Може да се обидеш да зборуваш со него. Тој може да се налути или да го негира проблемот. Одбери момент кога двајцата сте смирени. Нема корист да разговарате кога е под влијанието на дрога. Имај на ум дека не можеш да го измениш. Можеш само да му дадеш коректни информации околу тоа како дрогата делува на неговото здравје и живот.
Како да одбиеш ако некој ти нуди да пробаш канабис?
Треба однапред да си подготвен како ќе реагираш. Многу млади луѓе се чувствуваат на некој начин присилени од другарите да користат канабис. Може едноставно да кажеш „ не благодарам, не пушам“ или „не, не влегувам во тоа другар“ и тргни се на страна. Можеш претходно дома на глас да извежбаш како ќе одбиеш, за да звучи природно. Треба да бидеш цврст, а не агресивен или пасивен. Добро е да се одбегнуваат социјалните ситуации каде се користи канабис, како и луѓето кои може да вршат притисок.
Откажување од канабис
Постојат два начини: да се намали количината и да се прекине постепено или да се прекине одеднаш. Вториот начин е поефикасен. Корисно е претходно да се размисли која е причината за прекинување, тоа да се напише како потсетник и да се одреди денот. За да се издржи во одлуката и помалку да се мисли на дрога, корисно е ако лицето што се откажува биде максимално анагажирано со додатни активности. Треба да се избегнуваат познатите ситуации кои наведувале на дрога. Не е срамота да се побара помош од другарот. Треба отворено да им се каже на луѓето дека веќе не се работи за истата личност. Може да биде полесно отколку што се мисли.
Како да му се помогне на зависник од канабис?
Постојат служби за лекување на зависници.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот лекар
- Ургентни оддели во болниците
- Психијатриска болница „Скопје“, Центар за злоупотреба и зависност од дроги и други психоактивни супстанци.
|