. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Превенција на кариес кај доенчето

 
  Објавено на: 07.09.2005

Забниот кариес може да се јави многу рано, дури и во периодот на доенчето (помеѓу 6-12 месеци). Кај доенчето најчесто се зафатени горните четири секачи (предните заби). Кај нив, забниот кариес е најчесто предизвикан со неправилна употреба на цуцлите и шишињата.

Како да откриете дaли вашето бебе има кариес?
Понекогаш не е лесно да се открие дали бебето има забен кариес. Зависи од тоа, колку кариесот напреднал и може да се манифестира на следниот начин:

  • Појава на тенка бела линија вдолж непцата, ова е почетен знак. Означува дека настанала деминерализација на забот. Ова обично родителите не го забележуваат.
  • Појава на жолтеникав или кафејаво-црн венец околу вратот на забот, кој укажува дека деминерализацијата напредува кон кавитет (шуплина во забот).
  • Заб кој наликува на кафејаво-црн остаток, зборува за напреднат кариес со појава на кавитет. Најчесто се зафатени четирите предни секачи (предните заби). Долните секачи релативно поретко се зафаќаат.

Зошто е важно да се открие рано?
За жал, кај многу деца забниот кариес се утврдува релативно доцна, најчесто по 20-иот месец. Во таа возраст, за повеќето деца веќе не е можно конзервативно лекување, туку треба хируршки зафат. Ова е трауматично и за родителите и за детето.

Што треба да направите за да превенирате кариес кај вашето доенче?

Совети поврзани со исхраната
Доењето го намалува ризикот за појава на забен кариес. Ако детето мора да се храни со шише и цуцла внимавајте на следново:

  • Отстранете го шишето веднаш штом ќе се нацица.
  • Ако детето бара цуцла за да се смири, најдобро е да користите чиста вода ( може ладна или загреана во зависност од афинитетот).
  • Ако е жедно, давајте му да пие чиста вода, а не сок или слатки напитоци.
  • Помеѓу 6-8 месеци, научете го да користи чаша. Кај повеќето деца шишето може да сосема да се напушти по 12 месеци.

Миење на забите

  • Започенте со миење веднаш по појавата на првиот заб, така што користејќи го вашиот прст претходно намачкан со паста, ќе го очистите забот, од напред и од позади.
  • Кон 12-иот месец ( може и порано ако бебето толерира) пробајте да воведете нежна четкичка за миење на забите.
  • Ставете малку паста за заби на четкичката. За деца под 7 години, користете паста која содржи намалена количина на флуор (бидејќи голтаат, за да не се пројави токсичниот ефект на флуор)

Систематски прегледи на забите
Ако редовно се води детето на систематски прегледи на забите, забниот кариес ќе се открие на време. Препораката е барем два прегледи од стоматолог, до возраст од три и пол години.

Дали треба да додавате флуор?
Флуорот ги прави забите поотпорни на кариес. Во некои региони водата се флуорира и таму не е потребно да се суплементира. Во нашата земја водата за пиење не се флуорира. Затоа треба да се дава флуор во форма на суплементи. Најдобро е да се консултирате со вашиот стоматолог како да постапите во врска со ова прашање.

Цуцли и таблети/сирупи
Избегнувајте цуцулите да ги мачкате со мед, слатко, глицерин или други храни или течности. Исто така, ако заради некоја причина вашето дете треба да прима некој лек, замолете го докторот да му препише форма на лекот која не содржи шеќер.

Каде да се обаратие за помош?

  • Вашиот стоматолог
  • Вашиот педијатар
  • Клиника за стоматологија, амбуланта за детска стоматологија
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Асс.д-р Христо Петановски

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.