. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Колики кај доенчето

 
  Објавено на: 12.04.2005

На возраст меѓу 2 и 16 недели, некои бебиња поминуваат низ период во кој регуларно и необјасниво плачат. Овие напади на плачење траат најмалку три часа и обично се јавуваат доцна попладне или рано навечер. Изгледа, како бебето да страда од стомачни болки. Оваа појава е позната под името „колики“ и се јавува кај околу третина од сите бебиња. Обично, не помага ако го земете бебето во раце или ако се обидувате да го смирите со нишкање. Во поблагите случаи се јавуваат само периоди, во кои бебето е вознемирено. Причината за појава на коликите не е позната, но тие поминуваат -без никаков третман- по неколку недели.

Кои се симптомите на коликите?
Коликите се јавуваат во првите две до четири недели на животот и својот максимум го достигнуваат околу 6-8 недела. Обично, бебето изгледа здраво и задоволно се до доцна попладне или рано навечер, кога се јавуват следните симптоми:

  • Бебето прави гримаси, кои укажуваат дека нешто го боли. Лицето му се зацрвенува. Ги истегнува нозете, покажувајќи дека го боли стомачето.

Плаче гласно и вознемирено. Плачењето трае по три часа или повеќе и не може да се смири. На крајот добива гасови или празнење, ова се јавува најчесто кога ќе запре плачењето, но може да биде и коинциденција.

  • Епизодите поминуваат, ништо лошо не му се случува на бебето.

Што доведува до колики?
Причината не е позната. Постојат повеќе теории зошто се јавуваат колики:

  • Исхраната на мајката - некои состојки во храната на мајката може да предизвикуваат симптоми на алергија или интолеранција кај бебето кое го дои. Некои храни се обвинуваат дека може да доведат до напад на колика кај бебето, како зелка, броколи, чоколадо, кромид и кравско млеко.
  • Некои социјални супстанци кои ги зема мајката- како кафеин и никотин се пренесуваат во мајчиното млеко и може да доведат до вознемиреност на бебето.
  • Чувство на преполнетост - можно е коликите да се резултат на преполнетост на стомачето и присуството на многу гасови, и овие сензации да ги интерпретираат како болни и алармирачки.
  • Општа незрелост - периодот на прилагодување на животот надвор од материцата може да трае неколку месеци.

Сепак, кај некои бебиња нема ниту една од горенаведените причини.

Важна е медицинската дијагноза
Бебе кое што плаче, треба да го види доктор за да исклучи евентуален вистински здравствен проблем, кој предизвикува болка. Нема специфичен тест за дијагноза на колика, така да единствениот начин со кој ќе се осигурате дека кај вашето бебе веројатно се работи за колика е да го прегледа педијатар.

Како да му помогнете на бебето со колика?
Така што ќе го земете во раце, ќе го нишката или ќе го погалите. Така бебето учи дека вие сте тука за него и покрај тоа што не успевате да го смирите. Пробајте, можеби ќе ви успее некоја од следните манипулации:

  • Одговорете брзо ако вашето дете плаче. Тоа може да значи дека подоцна ќе плаче помалку.
  • Бебињата кои плачат имаат тендеција да го извиткуваат грбот и да ги истегнуваат ножињата. Поставете го во свиткана позиција во форма на С
    ( или флектирана позиција).
  • Проверете дали не му е многу топло или да не му студи или заради некоја причина не му е удобно.
  • Повеќето бебиња се смируваат со цицање или со цуцла.
  • Понекогаш помага нишкање и галење.
  • Некои бебиња се смируваат, ако ги избањате и нежно ги измасирате, но обично ова не помага ако бебето веќе започнало да плаче.
  • Нежна музика со одреден ритам, како на пример музика од музичка кутија.
  • Можеби премногу се трудите да го смирите бебето. Пуштете го малку само, да видете дали ќе се смири.
  • Прошетајте го во количка или во специјална носилка, или возете се со кола.

Контролирајте го со стресот
Да се грижите за бебе кое плаче, а не можете да го смирите е исклучително вознемирувачки. Ако чувствувате дека сте под голем стрес, ви треба малку време да се смирите.

Следните сугестии може да ви помогнат:

  • Ставете го детето на сигурно во креветчето и излезете од собата.
  • Прошетајте низ куќата или излезете малку надвор.
  • Смирете се така што ќе направите мала гимнастика: истегнете ги нозете, грбот.
  • Напите се чај, кафе или ладен пијалок или каснете нешто.
  • Направете нешто физичко- на пример трчајте.

На мајката и е потребна подршка
Следните сугестии може да ви се од корист:

  • Заменете се со вашиот партнер во чување на бебето и излезете за кратко да прошетате.
  • Искористете го слободното време за разонода- на пример слушајте музика со слушалки на ушите, за да не го слушате звукот на бебето кое плаче.
  • Побарјте подршка од другите членови на фамилијата ( на пример од бабите). Дозволете им да бидат со бебето додека плаче. Тие можат да го направат тоа за кратко, знаејќи дека вие ќе се вратите брзо .
  • Разменете искуство со други родители, дискутирјате за нивната стратегија.

Запаметете, коликите имаат тенденција да поминат- во тек на следните неколку недели.

Каде да се обратите за совет?

  • Вашиот педијатар
  • Патронажната сестра
  • Клиника за детски болести
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Проф.д-р Стевка Грујовска

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.