. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Развојна болест на колкот (РБК)

 
  Објавено на: 12.04.2005

Поранешното име беше конгенитална дислокација на колкот (вродено исчашување на колкот). Всушност се работи за состојба во која зглобот на колкот на новороденото бебе е исчашен или покажува склоност кон исчашување. Важно е да се истакне дека кај околу 95% од бебињата родени со ваква аномалија можно е успешно лекување. Почесто се јавува кај девојчиња ( однос 1: 600, во споредба со 1:3000 кај машки). Левиот колк три пати почесто е зафатен во споредба со десниот. Не е ретко да се зафатени и двата колка. Кај некои бебиња ( деца со церебрална парализа и спина бифида), РБК е почесто. Во третина од случаите позитивна е фамилијарната историја.

Градба на зглобот на колкот
Колкот е зглоб кој е составен од еден топчест и еден вдлабнат дел, кои налегнуваат еден во друг. Натколеничната коска во горниот дел завршува со топчест дел или глава, која лежи во вдлабнувањето наречено ацетабулум на карличната коска. Главата на натколеничната коска цврсто налегнува во вдлабнатината, прицврстена со меки ткива, лигаменти, зглобна обвивка и мускули. Кај бебињата со РБК вдлабнатината на карличната коска е абнормално плитка, па колкот не е стабилен. Слабите лигаменти исто така дозволуваат излизнување на натколеничната коска од зглобот.

Кои знаци и симптоми укажуваат на РБК?

  • Намалена подвижност на зглобот
  • Звучен феномен кој се слуша ако постепно се шири ногата. Тоа е всушност звук, кој настанува при влегувањето на натколеничната коска во својот зглоб.
  • Делот на кожа меѓу анусот и гениталиите (перинеумот) е невообичаено широк.

Симптоми за еднострана дислокација

  • Глутеалните бразди не се симетрични.
  • Едниот коленен зглоб изгледа како да стои повисоко од другиот.

Кои се причините за РБК?
Постојат повеќе генетски и развојни причини кои може да доведат до РБК

  • Фамилијарна предиспозиција - кај околу една третина од бебињата со РБК, истата аномалија ја имале некои од нивните роднини.
  • Конгенитални заболувања- РБК почесто се јавува кај бебиња со одредени заболувања како церебрална парализа и спина бифида.
  • Карлично породување- при породување, наместо да предначи главата предначат нозете, тоа претставува стрес врз колковите н
  • а бебето.
  • Мултипна бременост ( близнаци, тројки и т.н.) – турканицата во матката може да доведе до исчашување на колкот кај некое од бебињата.
  • Прворотки- кај нив породувањето може да тече потешко или да е продолжено, заради недоволната развиеност на матката и вагината.

Рутински прегледи
Бебињата рутински се прегледуваат на раѓањето за да се провери дали нивните колкови се правилно позиционирани. Бебето се поставува на грб и докторот ја шири посебно секоја нога, во предел на колкот, за да се провери подвижноста на зглобот. Дислоциран колк не може да се шири во полн ранг и при преминување на главата на натколеничната коска во и надвор од лежиштето се произведува карактеристичниот звучен феномен. Обично дијагнозата се потврдува со ултразвук, а кај поголеми деца може да треба да се направат и други снимања.

Третман на новородени деца со РБК
Бебе родено со дислокација на колкот може да се третира успешно со помош на специјално ортопедско помагало - каиши на Павлик. Со овие каиши се обезбедува колковите да се држат во нормална позиција, во периодот додека скелетот на бебето расте и созрева, и аномалијата ќе се надмине спонтано по природен пат. Со контролен ехо и по потреба и рентгенска снимка ќе се утврди дали дошло до напредок. Каишите на Павлик се ефикасни во 85% од случаите. Кај повеќето бебиња доволно е бебето ги носи каишите во период од 6-12 недели.

Третман за постари бебиња со РБК
Ако дијагнозата РБК се постави подоцна - на возраст од 6 месеци или подоцна , за да се постави колкот во правилна позиција потребна е анестезија и одредена манипулација од страна на ортопедот. Во некои случаи, кај повозрасни деца мора да се направи операција. По операцијата се поставува гипс кој има за цел да го фиксира колкот во правилна позиција. Дали навистина се постигнало успешно излекување, ќе се потврди на контролните рентгенски снимки.

Задоцнета дијагноза
Понекогаш, дијагнозата се поставува доцна, откако детето ќе наврши две или три години. Симптомите во оваа возраст вклучуваат карактеристичен паткаст (гегав) од, едниот колк е понизок од другиот, одот е отежнат – детето оди на врвовите од прстите. Како компликации на запуштена, нетретирано РБК може да се јават проблеми во стабилноста на колените зглобови и пореметување на статиката на рбетот и друго.

Каква е долготрајната прогноза?
Повеќето бебиња со РБК кои биле навреме и успешно третирани, подоцна во животот немаат проблеми со колкот. Сепак, кај некои може да се развие артритис на зафатените зглобови.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Вашиот ортопед
  • Клиника за ортопедија
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Прим. д-р Драги Христов

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.