Чувањето и грижата за домашните миленици може да претставува важно и убаво искуство за децата- на тој начин се развива чувството за одговорност, нежност, трпеливост и почит спрема природата и другите живи суштества. Сепак неретко, домашните миленици може да бидат извор и преносители на разни заразни болести. Понекогаш, домашните миленици може да го повредат детето со гризнување. Затоа, ако чувате некое животно, а очекувате нов член во семејството, или сакате да му овозможите на вашето дете да добие домашен миленик, пожелно е претходно да се информирате како да го заштитите детето од можните инфекции кои ги пренесуваат животните и од другите опасности.
Како животните ги пренесуваат инфекциите?
Зоонози се инфекции кои се шират преку или од животните на луѓето. Како и луѓето и животните се носители на различни микроорганизми, како што се разни бактерии, вируси, паразити и габи. Ако човек дојде во контакт со некој од овие микроорганизми може да заболи од заразна болест.
- Тоа може да настане преку гребнатинка, угриз или преку контакт со животински измет, плунка и сл.
- Животните може да имаат болви и крлежи, кои исто така може да се преносители на инфекции.
- Повеќето болести кои се пренесуваат на ваков начин се излечиви, сепак ретко преку животните се пренесуваат тешки заболувања кои можат да бидат смртоносни за човекот (пр.беснило).
Инфекции кои ги пренесуваат животните
Кучиња и мачки. Кучињата и мачките се многу популарни домашни миленици и затоа добро е да се познаваат болестите кои тие може да ги пренесат на луѓето.
- Campylobacter инфекција: Животните кои се чуваат внатре во домот може да ја пренесат бактеријата Campylobacter jejuni која предизвикува кај луѓето може да предизвика дијареа, стомачни абдоминал болки, висока температура.Оваа бактерија се наоѓа во дигестивниот систем на заразено животно, а се пренесува на човек со контакт на контакт со загадена вода, измет или непастеризирано млеко. Инфекцијата лесно се шири помеѓу членовите од иста фамилија или во детските колективи. Се лекува со антибиоти ци.
- Болест на мачкина гребнатинка: Човек каснат или изгребан од мачка заразена со бактеријата наречена Bartonella henselae добива главоболка, висока температура, мачнина, му отекуваат лимфните јазли.Заболувањето може да помине незабележано, а кај појаки инфекции се треба да се даваат антибиотици.
- Беснило: Претставува сериозно заболување, предизвикано од вирус кој навлегува во организмот преку угризна рана. Вирусот се наога во плунката од заболено животно.Од домашните миленици главни носители на овој вирус се кучињата и мачките.Затоа вакцинацијата на овие животни против ова заболување е задолжителна.Човек гризнат од заболено животно мора веднаш да се имунизира бидејки беснилото е смртоносна болест.
- Паразити: Dipylidium caninum најчесто паразитира кај кучето и мачката.Човекот го внесува во организмот ако голтне заразена болва. Симптомите на оваа паразитоза се: чешање околу анусот, абдоминални болки и пролив. Се лечи со орални антихелминтици.
- Токсокара: Претставува паразитоза предизвикана од Toxocara -црв кој живее во цревата на кучињата и мачките. Јајцата од овој паразит преку изметот на животните се исфрлаат во надворешната средина, се задржуваат на тлото каде може да дојдат во контакт со децата. Ако дете внесе во уста јајце од овој паразит,тоа веднаш оди во цревата каде од него се развива ларва која мигрира во останатите органи.Симптомите се: треска,кашлање и тешко дишење, зголемен црн дроб, отечени лимфни јазли. Лечењето е со медикаменти против ларвите присутни во организмот.Доколку ларвите од цревата успеат со крвотокот да стигнат до окото (очна токсокариаза), можат да предизвикаат трајно слепило.
- Токсоплазмоза: Човек може да заболи ако дојде во контакт со паразитот присутен во изметот на мачката. Кај повекето здрави организми токсоплазмозата може да е асимптоматска. Ако се пројават симптоми,тие најчесто се: отечени жлезди, изнемоштеност, болки во мускулите, болки во грлото, осип. Кај трудници може да предизвика абортус, предвремено пораѓање, слепило кај новороденчето.Затоа трудници треба да избегнуваат контакт со мачки.
Птици
Птиците миленици иако чувани во кафези може да ги пренесат следниве болести:
- Cryptococcosis: Претставува габично заболување. Луѓе кои инхалирале предизвикувачи на ова заболување, кои пак се наоѓаат во птичјиот измет, може да заболат од пнеумониа. Кај луѓе со ослабен имунитет може да дојде до појава и на енцефалитис.
- Psittacosis: Ова заболување е познато уште како папагалска треска. Може да се појави кај луѓе кои се во контакт со заразен измет од папагали.Симптомите на ова бактериско заболување се: кашлање, висока температура,главоболка.Се лекува со антибиотици.
Како да се заштитат децата/семејството и домашните миленици од заболувања
- Окако ќе се информирате за многуте заболувања кои може да ги добиете од вашиот миленик не треба веднаш да ве фаќа паника, и не треба тоа да биде причина да го исклучите од вашиот живот. Домашните миленици можат многу да го збогатат семејниот живот, па со неколку мерки на претпазливост може целосно да се заштитиме од евентуалните болести.
- Заштитата од зоонозите започнува и пред домашниот миленик да се внесе во домот. Некои животни не се препорачуваат во семејство со мали деца бидејки претставуваат опасност за нив. Рептилите не би требало да се чуваат во дом со мали деца.
- Пред да го изберете домашниот миленик треба да ја земете во предвид здравствената состојба на вашето дете, како и неговата возраст. Не се препорачува чување миленик во присуство на деца со намален имунитет (заболени од малигни заболувања, сида, деца кои се под терапија со стероиди).
- Ако посвојувате или купувате домашен миленик водете сметка да биде вакциниран. Веднаш однесете го кај ветеринар на преглед. Не ги заборавајте редовните вакцинации.
- Хранете го редовно со проверена и квалитетна храна, и обезбедете му чиста вода. Не го хранете со живо месо, затоа што тоа може да биде извор на зараза.
- Не дозволувајте вашето дете да биде во допир со животни скитници, затоа што тие најчесто се преносители на разни инфекции.
Постапки кои ќе го намалат ризикот од заразување
- Секогаш мијте ги рацете ( и вашето дете исто така) после допирот со вашиот миленик, по чистењето на неговиот бокс, кафез, легло и сл. Носете ракавици при отстранување на неговиот измет, а ако имате птица, носете маска на устата при чистење на кафезот за да не инхалирате парченца од сосушен измет.
- Избегнувајте да го бакнувате вашиот миленик, бидејки инфекциите може да се пренесат преку плунка. Не ја делете храната со него.
- Одржувајте го живеалиштето на вашиот миленик чисто. Ако тоа ги извршува своите физиолошки потреби надвор, не им дозволувајте на децата да си играат во тој дел.
- Не им дозволувајте на миленичињата да се движат каде што ја подготвувате храната, и не ги бањајте или чистите аквариумот во кујнскиот мијалник или кадата. Сето тоа правете го во дворот надвор од домот, или консултирајте ветеринар за професионално тимарење.
- Избегнувајте контакт со непознати животни или со оние кои изгледаат болни.
- Никогаш не земајте диво животно како миленик.
- Секогаш внимавајте на вашето дете кога е околу животно. Мали деца најчесто се инфицираат од миленичињата затоа што ползат на подот заедно со миленикот, ги бацуваат или си делат храна, ги ставаат своите прсти во устата на миленикот па повторно во својата уста.
- Заради заштита на вашиот миленик, а со тоа и на вас не дозволувајте вашиот миленик да има болви или крлежи во крзното, бидејки и тие се преносители на инфекции.
- Редовно третирајте го вашето куче/маче за глисти и болви. Користете орални и локални медикаменти против овие паразити; избегнувајте да користите каифчиња против болви затоа што децата може да ги фаќаат, а со тоа да се интоксицираат (разболат) од медикаментите кои ги има во нив.
- Држете го својот миленик на ланец додека го шетате и не му дозволувајте контакт со други животни кои изгледаат болни или не се вакцинирани.
Како децата да се заштитат од гризнување?
- Мали деца не треба никогаш да се оставаат сами со кучето без да ги надгледувате, дури и ако се работи за домашното куче! Особено е опасно да му се приближуваат на кучето додека јаде или спие, бидејќи ако го вознемират може да се налути. Не треба никогаш да ги оставате децата сами со кучето во колата, додека пазарите .
- Учете ги децата како да се однесуваат со животни. Ако вие се однесувате добро, вашите деца учат од вас. Запаметете дека одговорноста за безбедноста на детето останува на возрасните. Малите деца не можат да ја проценат опасноста и не можат да се грижат за самите себе.
Ако миленикот (кучето/мачето) го гризне детето?
Повредата треба да се сфати сериозно, бидејќи на забите и канџите овие животни имаат бактерии, па раната може да е инфицирана.
- Измијте го гризнатото или изгребано место со сапун и вода или со антисептик.
- Побарајте мислење од доктор ако раната е голема и ако покажува знаци за инфекција, на пр. станува зацрвенета со присуство на оток или гној.
- На местото на гризнувањето можно е да расте бацилот на тетанус. Затоа, ако имунизацијата против тетанус не е обновена тоа треба да се направи веднаш.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Ветеринар
|