. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Нефротски синдром
Што се случува со бубрезите и со организмот?Кои се причините? • Како се поставува дијагнозата? Какви се опциите за третман? • Дали овој третман има несакани ефекти? Дали во тек на спроведување на третманот треба да се забранат активностите на детето? Дали третманот секогаш делува? • Дали нефротскиот синдром ќе се повтори? • Дали со растење на детето ќе се поремети функцијата на бубрезите? • Дали во иднина и другите деца од семејството ќе добијат нефротски синдром? • Како родителите помагаат во водење на болеста?
 
  Објавено на: 07.09.2005

Што се случува со бубрезите и со организмот кај нефротски синдром?

  • Главнaта функција на бубрезите е да ги филтрираат крајните отпадни продукти кои се создаваат во метаболизмот, од крвта во урината. Ова се остварува така што крвта циркулира во бубрезите низ мрежа на капиларни крвни садови ( најситни крвни садови), што дозволува филтрирање на водата и ситните молекули, но не дозволува да се губат големите молекули, како што се протеините. Може да се каже дека бубрезите работат како некој вид на сито.
  • Кај нефротски синдром, како резултат на воспаление, отворите на тоа „сито“ стануваат поголеми, и низ нив од крвта во урината минуваат протеините, и тоа, најпрво оние со помала мoлекулска тежина, како што се албумините.
  • Албумините преставуваат важен составен дел на крвта. Една од функциите е да ја задржуваат водата да не поминува преку капиларите во околните ткива. Кога вредноста на албумините во крвта е многу ниска (како резултат на тоа што се губат преку урината, како што е случај кај нефротскиот синдром), водата бега од капиларите, се акумулира во околните ткива и предизвикува отоци, кои преставуваат важна одлика на нефротскиот синдром. Бубрезите обидувајќи се да ја компензираат загубата на албумини низ урината, ја задржуваат солта повеќе од вообичаено и со тоа, отоците се засилуваат.

Кои се причините за нефротски синдром?
Во најголемиот број на случаи причината не е позната. Многу ретко, причината може да е инфекција или некои лекови. Познато е дека машките деца почесто добиваат нефротски синдром во споредба со девојчињата.

Како се поставува дијагнозата?
Кога кај некое дете се сомневаме дека има нефротски синдром, тоа се испраќа во болница (во нашата земја на Клиниката за детски болести во Скопје- нефролошко одделение), за да се направат одредени испитувања на крвта и мочката и за да се процени каква е функцијата на бубрезите.

Какви се опциите за третман?

  • Многу е веројатно дека ќе се започне со терапија со пронизон (стероиден лек), во траење од неколку недели. Кај повеќе од 90% од децата, оваа терапија ќе доведе до исчезнување на албумините од урината, исплавување на отоците и детето ќе се врати во нормала.
  • Покрај ова, се даваат и диуретски лекови ( лекови за исфрлање на водата од организмот), за да се исфрли вишокот на течности кој претходно се акумулирал.
  • Со цел да се надокнади протеинската загуба и да се намали вишокот на солта во крвта, детето треба да прима храна богата со протеини, а сиромашна со сол. Ова ќе помогне побрзо да се исплават отоците. Често, детето ќе треба да прима и некој пеницилински антибиотик, за да се заштити од инфекција.

Дали овој третман има несакани ефекти?
Краткотрајна терапија со пронизон не би требало да доведе до сериозни несакани ефекти.

  • Најголемиот дел од децата ќе се здебелат, апетитот ќе им се зголеми.
  • Некогаш може да се покачи крвниот притисок, кој по прекинување на терапијата ќе се нормализира.
  • Некои деца се жалат на болки во предел на желудникот. Овие тегоби почесто се јавуваат додека децата примаат високи дози пронизон, но симптомите исчезнуваат кога ќе се намали дозата.

Дали во тек на спроведување на третманот треба да се забранат активностите на детето?
До неодомна децата со нефротски синдром се задржуваа во кревет, се додека не се постигнеше ремисија. Денес е јасно дека нема потреба за тоа, сепак најдобро е децата да избегнуваат големи активности додека трае третманот.

Дали третманот секогаш делува?

  • За жал не! Мал дел од децата нема да одговорат на пронизон и кај нив ќе треба да се даваат други лекови. Пред да се започнат овие лекови, најчесто треба да се направи бипсија на бубрегот. Ова испитување се прави во болница (на клиника). Под антестетик , со игла која се воведува преку слабината во бубрегот се зема мало парченце за испитување. Материјалот се испитува под миркоскоп, за да се одреди за каков тип на бубурежна болест се работи и за да се одреди каков третман е потребен.
  • Ако пронизонот се покаже како неефикасен, најчесто се дава друг лек - циклофосфамид, кој делува преку имуниот систем. Во тек на терапијата со циклофосфамид, неопходни се редовни проверки на крвната слика, бидејќи може да се намали бројот на белите крвни зрнца. Понекогаш доаѓа до засилено паѓање на косата, но ова ќе се нормализира по прекинувањето на терапијата.
  • Во лекување на нефротскиот синдром се користат и некои други лекови, како циклоспорин. Овие лекови се даваат кај деца чија болест не одговара на пронизон или кај оние кај кои за да нефротскиот синдром се одржува во ремисија (урина негативна на протеини) треба да се даваат неприфатливо високи дози на пронизон.

Дали нефротскиот синдром ќе се повтори?

  • Околу половина од децата кои реагират на пронизон, ќе имаат повторување на болеста (релапс), кој ќе треба да се третира со друга кура на пронизон.
  • Повеќето деца имаат повеќе од еден релапс, но над три четвртини се комплетно здрави и немаат потреба од понатамошен третман по третата година.
  • Останатите продолжуваат со релапси, кај нив има потреба повеќе пати да се дава пронизон, но на крајот и тие ќе се излекуваат. Понекогаш е потребно долготрајно да се дава пронизон и тогаш се дава во една доза, наутро, по појадок, секој втор ден. Даден на ваков начин, пронизонот има помалку несакани ефекти.

Дали со растење на детето ќе се поремети функцијата на бубрезите?
Не. Најголемиот дел од децата со нефротски синдром, ќе пораснат со бубрези кои работат нормално.

Дали во иднина и другите деца од семејството ќе добијат нефротски синдром?
Не. Постојат само некои ретки типови на фамилијарен нефротски синдром, но вашето дете веројатно не страда од таков тип.

Како родителите помагаат во водење на болеста?

  • Родителите на дете со нефротски синдром треба да научат самите да ја прегледуваат урината за присуство на протеини. Прегледот е едноставен со помош на сулфосалицилна киселина или со помош на специјални стиксови. Обично, додека лежат во болница, сестрите ќе ги обучат родителите самите да го прават овој преглед и да водат дневник за болеста.
  • Ако детето се разболи со појава на температура, стомачна болка, повраќање или пролив или било што друго, треба да се обратите на вашиот педијатар.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Детски нефролог
  • Клиника за детски болести Скопје - нефролошка консултативна амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
 
 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.