. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Обрезување (циркумцизија, сунет)

 
  Објавено на: 07.09.2005

Што е обрезување?
Под обрезување подразбираме оперативен зафат со кој се отстранува кожичката која го покрива врвот на пенисот.

Зошто се прави циркумзиција?
Повеќето педијатриски здруженија вклучувајќи ја и Американската Академија за Педијатрија не препорачуваат рутинско обрезување. Нивната препорака е одлуката за циркумцизија да се препушти на родителите. Следните причини може да влијаат на одлуката за циркумцизија:

  • Религиозни причини: во некои религии циркумцизијата се практицира ритуално. На пример евреите, муслиманите.
  • Социјални причини: некои родители се плашат дека на нивниот син ќе му се потсмеваат, ако не е циркумцизиран.
  • Културни причини: обрезувањето е прифатено во некои култури. Некои родители се одлучуваат за циркумцизија бидејќи и другите машки членови на фамилијата се циркумцизирани.
  • Медицински причини: во некои ситуации кои ги одредува докторот обрезувањето е корисно во медицинска смисла (на пример ако детето има фимоза и уринарни инфекции).

Која е користа?
Се цитираат следните потенцијални користи:

  • Помал ризик за инфекции на мочните канали.
  • Помал ризик за редок облик на канцер на пенисот.
  • Нешто помал ризик за добивање на сексуално преносливи болести.
  • Полесно се одржува хигиена на пенисот.
  • Помал ризик за карцином на грлото на матката кај партнерките на обрезаните мажи.

Кои се ризиците?
Заради следните причини родителите не се одлучуваат за циркумцизија кај своето бебе:

  • Било која хируршка интервенција вклучувајќи ја и циркумцизијата е поврзана со одреден ризик, иако мал. Може да се јави крварење, инфекција, лошо зараснување на раната или кожичката може да се пресече предолго или прекратко.
  • По хируршката интервенција, можно е врвот на пенисот да биде повеќе изложен на иритација. Ова може да предизивка проблеми во мокрењето и евентуално, потреба од нова хируршка интервенција.
  • Некои родители веруваат дека со циркумцизијата се менува природната состојба на телото на детето, и сметаат дека е подобро самото дете да одлучи кога ќе порасне.

Дали циркумцизијата боли?
Ако се даде антестетик не е болно.

Кога не треба да се прави обрезување (циркумцизија)?

  • Кај деца со хипоспадија- аномалија кај која урината не излегува од врвот на пенисот. Кожичката треба да се сочува, можеби ќе потреба подоцна за хируршката операција со која ќе се обезбеди нормален изглед на пенисот.
  • Циркумцизија не треба да се прави кај недоносено бебе , или ако постои фамилијарна историја за проблем со крварење ( на пример хемофилија) .
  • Циркумцизија не треба да се прави ако докторот или оној кој што ја прави нема потребно искуство.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот лекар
  • Клиника за детска хирургија
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Асс. др.сц Миле Петровски

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.