. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Отежнато дишење и засипнатост

 
  Објавено на: 12.04.2005

Ако детето одеднаш почне да диши отежнато ( отежнато вдишување-инспириум) проследено со засипнатост и упорна кашлица, тоа делува вознемирувачки и за родителите и за детето. Бројни причини може да доведат до овие симптоми но најбитни се три:

Круп (ларингеален стридор)

  • Тоа е најчеста причина за појава на засипнатост , отежнато вдишување и карактеристична кашлица која се споредува со лавеж на куче. Инспираторниот стридор главно се должи на спазма на мазните мускули на ларинксот или оток на ларингеалната лигавица.
  • Најчесто се јавува на возраст од 6 месеци-3 години, но можно е и подоцна.
  • Предизвикувачот е најчесто вирус, а поретко предизвикувачи се бактерии.
  • Почетокот е постепен, а симптомите стануваат поинтензивни во тек на 24-48 часа, најчесто детето нема темепратура. Обично симптомите започнуваат во вечерните часови со појава на кашлица како „кучешки лавеж“, отежнато дишење, гласот е груб и засипнат.
  • Интензитетот на заболувањето може да варира од лесен до многу тежок.

Затоа на родителите им се советува да консултираат лекар.

Што може да се направите итно, уште во домот?

  • Детето треба да се внесе во купатило, да се пушти топла вода додека не се создаде пареа и детето да инхалира. Потоа се изнесува на чист воздух на прозорец или тераса, и се води на лекар.
  • Кај дел од децата треба да се дава медикаментозна терапија: инхалација со антихистаминик ( сируп Promethazine 5 ml) или бронходилататор ( сируп Salbutamol 2.5-5 ml). Повеќето случаи можат да се решат амбулантски.
  • Болеста има склоност да се повторува. Кога повторно ќе се јави во сличен облик, родителите може да се инструираат самите да применат инхалаторна терапија.

Епиглотитис

  • Ова заболување е последица на бактериска инфекција ( Hemophilus influenza). Се карактеризира со нагла опструкција во предел на грлото (ларинксот), која може да го загрози животот на детето. Обично се јавува на возраст од 2-8 години.
  • За разлика од круп ова заболување напредува многу побрзо, кашлицата е подраматична, се губи гласот ( афонија), отежнато е голтањето и проследено е со висока темепратура. Лекарите треба да се опрезни бидејќи и самиот преглед на грлото со шпатула, може да доведе до нагла смрт ( комплетна опструкција на респираторните аптишта со кардио-респираторен застој).
  • Детето треба итно да се однесе во болница. Потребно е присуство на анестезиолог, за да го интубира детето и тогаш може да се види „како цреша црвено грло“.
  • Терапијата се состои во ургентна интубација, кислород и доколку е неопходно се прави трахеотомија. Се даваат и антибиотици од широк спектар (комбинацијата на амоксицилин со клавуланска киселина , цефалоспорини, евентуално хлорамфеникол).

Аспирација на страно тело
Трета важна причина за нагла појава на отежнато дишење кај деца е аспирација на страно тело ( најчесто копчиња, кикирики, грав и сл.)

  • Клинички започнува со нагла кашлица, промена на бојата на кожата и на слузниците кои помодруваат , понекогаш се јавува отежнато голтање и губиток на гласот, слично како кај астмата, но не реагира на антиастматични лекови.
  • По оваа фаза на надразба, настапува фаза на привремено смирување на кашлицата, а по неколку дена воспаление на белите дробови.

Бронхопнеумониите се повторувачки, карактеристично со иста локализација, што треба да побуди сомнение за страно тело.

  • Родителите треба да знаат да ја пружат првата помош кај аспирација
    (Хајмлихов зафат) и да применат постапка за кардио-пулмонално оживување ( Види „Прва помош“- прирачник за возачи издаден од Црвен Крст на Р. Македонија, 2004/стр.31 и 29) .

Каде да се обратите за помош?

  • Итна медицинска помош, тел 94
  • Клиника за детски болести, оддел за интензивна нега и терапија
  • Институт за белодробни заболувања кај деца
  • Клиника за оториноларингологија
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Проф.д-р Предраг Трандафиловски

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.