Што е пелтечење?
Созревањето на говорот на детето оди паралелно со созревањето на целиот организам, на прилично предвидлив начин до 6-та години. Разбирањето на говорот се развива многу побрзо отколку способноста за вербализација; скоро од самиот почеток детето е способно да разбира многу зборови и комплицирани комбинации, без да умее да ги употребува. Помеѓу втората и третата година, детето поседува ограничен речник и капацитет за изразување и тешко изразува комплицирани идеи. Во тек на тој период се обидува да го развие течниот говор, но повеќето деца немаат стабилен ритам на зборување се до 4-5 година, затоа периодот од 2-5 години се нарекува период на нефлуентен (не течен) говор. Токму во овој период децата, особено машките, може да започнат да кажуваат нешто и не можат да најдат збор за тоа, и додека го бараат зборот гласно повторуваат „ и-и-и-и„ или употребуваат некој друг слоган - односно почнуваат да пелтечат.
Зошто доаѓа до пелтечење?
Зошто доаѓа до пелтечење не е сосема јасно. Кај т.н. секундарно пелтечење големо значење има т.н. емоцинална компонента, но нема доказ дека тоа е директната причина. Како контрибуирачки фактори се наведуваат анксиозноста на родителите и притисокот кој го вршат врз детето. Сепак кај најголем дел од децата се работи за непознати фактори.
Колку често се јавува пелтечење?
Повеќето деца поминуват низ период на тешкотити во говорот (дисфлуентност) типично меѓу 3 и 5 години. Тие често имаат тешкотии во изговорот на одредени тонови, зборови или реченици. За повеќето овие потешкотии преставуават само фаза на нивниот нормален развиток на говорот. Околу 99% од децата ќе поминат низ овој период на нетечен говор и ќе развијат нормален стабилен течен говор. Сепак еден дел ќе продолжат да пелтечат. Инциденцата на пелтечењето изнесува околу 5%. Ако детето пелтечи по петата година треба да се упати на специјалист.
Кои се знаците кои укажуваат на дијагнозата пелтечење?
- Физичко напрегање додека зборува; напрегање на устата и грлото во тек на говорот.
- Неадекватно засилување на тонот и гласноста.
- Детето избегнува да изговара зборови кои тешко се изговараат.
- Детето повеќе го продолжува гласот (звукот) или ги повторува силабилите, а не целите зборови. На пример ваквото дете вели: “Mмммммммма” или “Mа-ма-ма-мама” почесто отколку “Mама-Mама.”
Како да постапат родителите ако забележат дека детето пелтечи?
Дете кое пројавува некој од претходните знаци не значи дека задолжително е пелтечар , сепак , добро е ваквото дете да се упати на специјалист по патологија на говорот, кој најдобро ќе одреди дали се работи за вистинско пелтечење или за нормална фаза на развојот на говорот, и ќе одреди дали е потребна терапија. Најчестиот совет за родителите на прешколско дете кое пелтечи е да го игнорираат пелтечењето. Тие треба да му обрнат полно внимание на детето додека се обидува да зборува. Пелтечењето кај детето предизвикува вистинска фрустрација. Оваа фрустрација е уште поголема , кога оној што слуша ќе ја доврши реченицата наместо вас или кога ви се потсмеваат. Ако пелтечењето продолжи и во адултната возраст , тоа навистина може да делува негативно врз самодовербата и може да преставува извор на бројни инхибиции. Бидејќи умеењето да се слуша е важно за комуникација, самите родители треба да ја развијат сопствената вештина на слушање, со тоа ќе помогнат во совладување на тешкотиите во говорот на своето дете. Обратете внимание и реагирајте на она што вашето дете сака да го каже, а помалку на она како тоа го изговара. Не го прекинувајте детето - учете го и тоа да не ги прекинува другите. Избегнувајте да го форсирате да зборува во јавни ситауции , ова може да допринесе детето да се чувстува непријатно. Најдете време за мирен разговор со вашето дете , тогаш кога не брзате и секогаш правете мали одмори. Читајте заедно приказни на глас и разговарајте со него во мирна култивирана атмосфера.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Аудиолог
- Центар за рехабилитација на слух и говор
|