Што е пнеумониа?
Пнеумониа е воспаление на белите дробови ( зафатен е белодробниот паренхим, алвеолите и интералвеоларните септи). Се јавува често во детската возраст. Според СЗО ( 1988) класификацијата е заснована на три критериуми: анатомски, етиолошки и функционални, базирани врз клиничката слика.
- Благ облик- кај кој е присутна кашлица и/или отежнато дишење, бројот на респирации е нормален за возраста.
- Умерен облик –присутна е кашлица, забрзано дишење (тахипенеа), без вовлекување на подребрените и меѓуребрените простори (тираж).
- Тежок облик- присутна е кашлица, тахипнеа, тираж, но нема помодрување
(цијаноза), детето може да пие течности.
- Многу тежок облик- присутна е кашлица, отежнато дишење (диспнеа), тираж, цијаноза , отежнато е примањето на течности
- Неонатална пнеумонија- пнеумонија кај новородени, фрекфенција на дишењето е поголема од 60/мин, присутен е тираж и чујна експирација
(збивтање).
Што ја предизвикува?
- Најчесто предизвикувачите се вируси- и тоа респираторен синцициелен вирус ( РСВ) кај децата од 10 месеци до 2.5 години, кај децата од 5 месеци до 5 години- аденовируси и кај постарите деца инфлуенца и параинфлуенца.
- Микоплазма пнеумоние (посебен вид на бактерија) најчесто се сретнува кај децата од 5-15 години.
- Од бактериите најчест предизвикувач е стрептококус пнеумоние, кај сите возрасти, хемофилус инфлуенца, стафилококус ауреус кај хипотрофични деца. Стрептококус гр.Б, клебсиела и грам негативни бактерии кај новородените.
- Пнеумонијата може да се јави како компликација на морибили или варичела.
Кои се симптомите?
- Во повеќето случаи воспалението на белите дробови се надоврзува на претходно воспаление на горните дишни патишта. Обично се вели дека настинката се симнала надолу. Постепно се засилува кашлицата, се појавува температура, тешкотии во дишењето, детето е малаксано, одбива храна или е вознемирено.
- Ако се работи за вирусна пнеумониа нема гноен секрет во алвеолите, па затоа болеста тешко се прикажува на рентгенска слика. Карактеристичен е контрастот помеѓу тешката клиничка слика со нарушување на општата состојба и отсаството на клинички наоди за заболување.
Како се поставува дијагнозата?
Дијагнозата ја поставува лекарот со прегледот на детето, од корист е добро земената анамнеза, во која постои податок, дека некој од блиската околина на детето бил претходно болен од вирусна инфекција. Се прави рентгенска снимка на белите дробови на која се гледа карактеристичен наод.
Која е терапијата?
Задолжително треба да се консултира лекар кој ќе ја одреди терапијата. Самолекувањето е ризично .
- С имптоматско лекување : за температурата се даваат антипиретици, за кашлицата - топли напивки (чај, топла супа). Може да се дава сируп за кашлицата и капки за нос.
- Антибиотици се даваат ако се мисли дека предизвикувачот е бактерија или дека настанала секундарна бактериска инфекција.
- Во многу земји се спроведува вакцинација против Хемофилус инфлуенце тип Б (предизвикувач на епиглотитис и пнеумонија, сепса , менингитис)
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Педијатар пулмолог
- Клиника за детски болести
- Институт за белодробни заболувања кај деца
|