Одговорноста на родителите е да го научат детето на добро поведение. Децата најдобро учат ако им покажете со личен пример.
- Одредено поведение не е прифатливо под никакви услови. Не треба да се дозволи избор ако се работи за било што што го загрозува здравјето/безбедноста на детето или неговата иднина. На пример болно дете мора да зема лекови. Мало дете не смее да игра на улица, или тинејџер не смее да се вози со пијан возач. Детето не смее да бега од училиште. Училиштето го подготвува да може да работи и заработува за живот, односно се работи за неговата иднина.
- За одредено поведение може да се преговара, на пример дали ќе ја бојадиса косата или дали ќе си го мести креветот и сл.
Што треба да очекувате?
- Децaта се разликуваат во поведението во зависност од нивната возраст и од личноста. Бидете правични и реални во однос на она што го очекувате од нив.
- Кажете му на детето што очекувате.Инструкциите треба да бидат јасни и не треба да отстапувате од нив.
- Не барајте од вашето дете да направи нешто, така што ќе му оставите шанса да каже не. Наместо да прашате “дали си подготвен за во кревет?“ кажете“Време е да се подготвиш за во кревет“.
- Претходно предупредете го за она што го очекувате од него, на пример “во следните 5 минути , време е да си ги собереш играчките“.
- Направете кратка листа на правила. Помогнете му на вашето дете да ги разбере правилата и утврдете јасно што ќе се случи ако ги прекрши.
- Стимулирајте независност. Дозволете рутинските работи детето да ги прави самото.
- Направете дневен план, и придржувајте се кон него. Во него, нека е вклучено школото, играњето, домашните задачи, ТВ, оброците, бањањето и спиењето.
- Адолесценцијата е особен период. Адолесцентите треба да се третираат на различен начин од помалите деца.
Како да постапите ако детето не се однесува добро?
Обидете се да му објасните на детето како треба да се однесува.Употребата на физичка казна како што е тепањето е најмалку ефикасно. Тоа може да го запре лошoто поведение, но нема да го научи детето на добро однесување. Обидете се на друг начин да го дисциплинирате детето.
- Игнорирајте лошо однесување. Децата сакаат да го свртат вниманието на своите родители. Дури и негативното вимание може да делува стимулативно. Наместо да му одговорите, обидете се да го игнорирате лошото однесување. Обрнете му внимание тогаш кога ќе почне да се однесува добро. Внимавајте, игнорирање не е дозволено ако детето се однесува опасно. Таквото однесување мора да се запре веднаш.
- Употребувајте казна со „исклучување“(time-out). Кажете му на детето однапред, кое однесување ќе биде казнето со исклучување (time-out). Time-out делува добро по тантруми (напади на лутина, во кои детето потполно ја губи контролата) или ако детето се однесува агресивно или опасно. Предупредете го дека ќе го казните со „исклучување“ ако не се однесува добро. Немојте да се разбеснувате. Ако предупредувањето не делува, казнете го со time-out. Одберете место кое е досадно, но не треба да делува застрашувачки. На пример, ставете го во столица со лицето кон зидот. Секогаш останете во близина да го гледате, но немојте да му зборувате. Користите часовник за да отседи точно колку што сте одредиле. Времето треба да е кратко (околу една минута за секоја година на возраста). Ако детето го напушти местото, вратете го назад и евентуално започнете со одбројувањето на времето, одново. Кога ќе заврши казната, не му зборувајте за лошото поведение. Подобро е да му објасните што барате од него или пофалете/наградете го следниот пат кога ќе се однесува добро.
Како да постапувате кога поведението му е добро?
- Наградете го за доброто поведение со пофалба, награда или внимание. Наградата не треба да се купува со пари. Може да биде обична прегратка или додатна приказна кога го заспивате, или да му приготвите нешто специјално за јадење. Добро е да оставите детето самото да ја избере наградата. Немојте да ветувате нешто што не можете да му дадете. Потенцирајте ако направи нешто добро.
Како да го подобрите поведението на вашето дете?
- Обидете се тоа што сакате да го корегирате да го постигнете ненасилно. Нека изгледа како игра, а не како обврска. На пример ако мора да оди во кревет, употребете часовник и кажете му да се скрие под ќебенцето пред истекнување на рокот.
- Учете го на самоконтрола. Давајте му да одбере помеѓу обврските. На пример да одбере која книга ќе ја чита пред спиење.
- Не се обидувајте да корегирате се одеднаш. Одберете една или две работи на кои треба да работите.
- Дајте му на детето време да научи. Поведението се менува полека. На пример, замолете го да си игра тивко, 10 минути. Пофалете го за тоа. По неколку дена, зголемете го ова време на 15 минути. Пофалете го само ако го остварило барањето. Продолжете понатаму.
- Може да формирате систем на наградување, со поени кои треба да ги заработи ако се однесува добро. Користете дневник, во кој точно ќе запишувате се што се случувало. Ако се однесува добро- дајте му поен, ако освои 10 поени-добива некоја мала награда, која нему му е значајна.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Психолог
|