Кои се најчестите причини?
Повраќање и пролив (дијареа) се чести симптоми кои може да се јават во рамките на повеќе заболувања. Најчеста причина се квалитативните и квантитативните грашки во исхраната.
- Раното одбивање или преминување кон мешана исхрана може да биде причина за повраќање и дијареа.
- Во некои случаи повраќањето се должи на алергија на кравско млеко.
- Давање на неодговарачка храна за возраста, масна или заразена храна исто така може да е причина за повраќање проследено со пролив. Ова почесто се случува во летните месеци.
- Акутните цревни инфекции, предизвикани од бактерии и вируси исто така причинуваат повраќање и пролив, кои лесно се пренесуваат од дете на дете. Во такви случаи важно е да се изолираат болните.
- Пролив и повраќање може да се јави како придружен феномен при воспаление на увото, уринарна инфекција или при други проблеми.
- Карактеристично повраќање се сретнува кај пилорната стеноза ( вродена мана кај која е присутна стеноза на излезот од желудникот). Се јавува повеќе кај машките доенчиња некаде по 15-20 ден од раѓањето. Повраќањето настанува непосредно по цицањето, и има карактер на „фонатана“, од ден на ден се засилува а детето гладува и губи во тежина. Столиците се оскудни и темни. Ова заболување денес се докажува со ултрасоногорафски преглед и се лекува со операција.
- Треба да се прави разлика помеѓу вистинско повраќање и подригнување, кое се јавува кај доенчињата по цицање. Ова може да е придружено со повраќање на мала количина на млеко. Тоа е нормална појава.
Дали повраќање и дијареа се заразни?
Понекогаш може да се заразни, во зависност од заболувањето кое ги предизвикало.
Дали повраќање и дијареа означуваат дека се работи за сериозна болест?
- Најчесто се јавуваат како транзиторен феномен и не се работи за сериозна болест.
- Поретко може да настане дехидратација, која ќе го загрози животот на детето, особоено кај малите донечиња.
- Во некои случаи повраќање и пролив укажуваат на присуство на сериозна болест, која треба брзо да се дијагностицира и лекува.
- Повеќето болести кои се манифестираат со повраќање и дијареа се лесни и добро одговараат на едноставна терапија.
Третман
Повраќање
- Повеќето повраќања ако се третираат правилно прекинуваат по 8-12 часа. Ако детето повраќа, треба да се дава електролитен раствор во мали количини, една кафена лажичка на секои пет минути. Количината се зголемува постепено во зависност од толеранцијата.
- Ако детето не повраќа по 8-12 часа се воведува солидна храна. На доенчињата им се дава оризова вода. На поголемите деца пилав ориз, крекери или препечен леб.
- Млекото се воведува ако доенчето не повраќа 12-24 часа.
Пролив
- Ако детето има пролив, веднаш треба да се започне со давање на течности. За ова заболување, поважно е колку ќе испие, отколку колку ќе изеде. Најдобро е да му се даде орален електролитен раствор ( како што е Нелит), кој е специјално формулиран за доенчиња и мали деца.
- Не треба да се даваат овошни сокови или слатки пијалоци, особено не на младите доенчиња.
- На постарите деца кои примаат солидна храна им се даваат банани, пилав ориз, варени цереалии, јаболка и варено месо.
- Треба да се продолжи со доењето или со млекото од формула (ако е на вештачка исхрана), освен ако лекарот не забрани.
- Меѓу оброците треба да се даваат бистри течности.
Кои се знаците дека настанала дехидратација?
Најголемата опасност при тешка и пролонгирана дијареа и/или повраќање е дехидратација- загуба на вода од организмот. Малите доенчиња можат брзо да дехидрираат. Знаците на дехидратација се:
- екстремна жед,
- оскудно мокри ( ретко и мали количини урина). Нормално, повеќето доенчиња се „мокри до гуша“ при секое преповивање ( најмалку 6 пати во тек на денот).
- летаргија и слабост,
- очите се вовлечени, усниците се суви , нема солзи, кожата изгледа набрана – со намален тургор.
Кога да се обратите на доктор?
Контактирајте го вашиот доктор ако е присутно следново:
- Пролив и повраќање кои не реагираат на терапијата.
- Ако се присутни знаци на дехидратација
- Ако се работи за воспаление на увото или детето се жали на потешкотии при мокрењето.
- Ако проливот е крвав, ако темепратурата перзистира или ако е присутна екстремна вознемиреност.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Клиника за детски болести, општа амбуланта
|