Што се подразбира под заостанување во развојот?
Детето кое заостанува во развојот не успева да ги постигне развојните карактеристики за дадената возраст. Во оваа група се одвојува подгрупа на деца, кај кои болеста почнала многу рано, набрзо по раѓањето. Тие деца покажуваат задоцнет развој на моторните функции, а карактеристично е дека со време, овие функции не се влошуваат. Ваквите деца често се соопштуваат како пациенти со церебрална парализа. Во оваа категорија се вклучуваат и децата со заостанување во развојот, кои се родени со мала телесна тежина. Тука не се вбројуваат децата со генетски пренесени наследни заболувања. Може да се работи за заостанување кај кое, главно се зафатени моторните системи и се манифестира со пореметување на одењето или пак за такво заостанување, каде главно е пореметен говорот и споспобноста за учење. Понекогаш се присутни и други пратечки проблеми , како на пример згрченост на мускулатурата или проблеми со видот. Во најтешките случаи зафатени се сите системи.
Кои се причините за заостанување во развојот?
Причините за успорен развој на детето се бројни. Најдобро е детето со вакво пореметување да се упати кај детски невролог, кој најдобро ќе ја утврди причината. Понекогаш, состојбата е веднаш јасна ( на пр. мозочно оштетување кај дете, кое претходно прележало тешка мозочна инфекција), но почесто за да се утврди причината, треба да се направат бројни испитувања. За таа цел детето мора да се води повеќе пати на прегледи, а понекогаш е потребно и подолготрајно следење.
Зошто е важно да се утврди причината која довела до заостанување во развојот?
- За да може да им кажеме на родителите/фамилијата, дали постои веројатност да се роди друго дете со слични проблеми. Некои причини се наследуваат, а други настануваат случајно и веројатно е дека нема да се повторат во следните бремености.
- За да може подобро да се предвиди крајниот исход и евентуалната појава на други проблеми и компликации.
Каква е прогнозата на децата со развојно заостанување?
Родителите често се прашуваат што ќе се случи со нивното дете кога ќе потпорасне? Дали ќе ги достигне своите врсници или “за секогаш“ ќе заостанува зад нив? Тешко може генерално да се одговори на ова прашање, бидејќи крајниот исход зависи од причината која довела до заостанување, а причините може да се различни. Повеќето од овие деца имаат одредени потенцијали, а родителите се првите кои ќе ги препознаат и ќе делуваат тие максимално да се развијат. Можно е, дете кое не е многу ретардирано во тек на детството да ги достигне своите врсници . Сепак, почесто се случува проблемот да продолжи и во адултната возраст и крајниот исход да се разликува од оној на “здравите “ деца. Сепак , можни се и драматични пресврти, како што впрочем постојат и во “просечната популација“. Некои деца напредуваат многу добро и во одреден период ги достигнуваат своите врсници, други напредуваат постепено или воопшто не напредуваат и никогаш не ги достигнуваат своите врсници.
Дали постои специфичен третман за овие деца?
Не постои специфична медицинска или хируршка процедура, со која ќе се корегира развојниот дефект. Најважна работа, која треба да ја направат родителите е да му обезбедат на детето нормална семејна атмосфера, во која тоа ќе биде сакано и позитивно стимулирано. Често пати се препорачува контакт со лекар- физиотерапевт, кој ќе спроведе соодветни вежби и стимулација. Понекогаш, децата треба да се упатат и на други специјалисти на пр. на ортопед за решавање на проблемите со мусукулите или на офталмолог, ако има проблеми со видот. Целта на третманот е колку што е можно да се зголемат способностите и да се превенираат нови проблеми.
Каде да се обратитите за помош?
- Вашиот педијатар
- Институт за ментално здравје на деца и младинци
- Клиника за детски болести- консултативна невролошка амбуланта
|