. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Првиот преглед на вашето бебе

 
  Објавено на: 07.09.2005

Вие родивте прекрасно бебе. Изброивте 10 убави прстиња, носе и се останато. Детето изгледа без грешка. Но дали е така? Понекогаш зад совршениот изглед, сепак може да се крие здравствен проблем. Пред да ја напуштите болницата, лекарите ќе го прегледаат бебето и ќе направат одредени тестови и третмани. Со нив ќе се осигураат дека бебето е здраво и ќе помогнат да остане здраво.

Апгар скор
Во првата и петата минута по раѓањето, докторот и сестрата ќе прегледаат и ќе забележат пет работи кај бебето- срцевата акција, дишењето, мускулниот тонус, рефлексите и бојата на кожата. За секоја посебно, ќе дадат оценка од 0-2, а збирот од овие оценки го сочинува Апгар скорот. Бебињата кои имаат Апгар 7 или повеќе, веројатно поминале нормално породување и се во добра состојба. Оние со пониски оценки, можеби ќе имаат потреба од додатно надгледување, иако и од нив повеќето ќе бидат добро.

Инекција на витамин К
Набрзо по раѓањето, вашето бебе ќе прими инекција витамин К. Ова го штити од ретко, но сериозно крварење, кое може да се јави кај новородените. Во првите денови по раѓањето, бебињата немаат способност самите да произведуваат витамин К, а овој витамин е неопходен за засирување на крвта.

Капки во очите
Вашето бебе би требало да биде третирано со капки или масти кои се ставаат во очите. Ова ќе го заштити од бактериски инфекции, како што се кламидија и гонореа, со кои можело да се инфицира во тек на породувањето.

Скрининг тестови
Со боцкање во предел на петата ќе се земат неколку капки крв за скрининг (откривање) на некои вродени заболувања. Овие заболувања не се очигледни на раѓањето, но ако не се откријат и третираат навреме (рано), може да доведат до физички проблеми, ментална ретардација, а во некои случаи и смрт. Во повеќето развиени земји задолжителен е скрининг-от за фенилкетонурија
и хипотироидизам. И двете заболувања може да предизвикаат ментална ретардација, која може да се превенира со рана терапија. Во некои земји, додатно се врши скрининг и на некои други заболувања. Во нашата земја, засега, задолжителен е само тироидниот скрининг, со кој се открива конгениталниот хипотироидизам. Кај најголемиот дел од бебињата скрининг тестовите ќе бидат негативни. За оние неколку бебиња, кои ќе бидат со абнормални резултати, раната дијагноза и соответниот третман ќе овозможи нормален развој, во спротивно тие би имале долгорочни здравствени проблеми.

Тестирање на слухот
Овој тест мери како бебето одговара на звуци. За таа цел се користи фин слушен механизам (еарфон или микрофон), кој се става во увото на бебето. Ако дете не се тестира, пореметувањето на слухот најчесто не може да се дијагностицира, се до 2-3 година, а во овој период детето веројатно ќе развие проблеми во говорот и јазикот. Раниот третман помага да се превенираат тие проблеми. Се препорачува сите бебиња да поминат низ скринигот со кој се проценува слухот. За жал, во нашата земја овој тест сеуште не е задолжителен, засега се прави само кај ризичните бебиња.

Физикален преглед
Уште првиот ден по раѓањето вашето дете ќе биде прегледано од педијатарот. Тој ќе направи преглед на срцето, белите дробови, стомачето, ушите, очите, носот, главата, рацете и нозете.

Вакцина против хепатитис Б

  • Уште додека е во болница (во првите 24 часа по раѓањето) бебето ќе ја добие првата доза на хепатитис Б. Втората доза треба да биде дадена барем еден месец по првата, а третата доза- 6 месеци по првата доза. Оваа вакцина го штити бебето против вируси, кои предизвикуваат тешко оштетување на црниот дроб.
  • Во нашата земја (но не во разивените земји, каде туберкулозата е ерадицирана) бебето ќе прими уште една вакцина- вакцина против туберкулоза, додека е во болница. Подоцна во тек на првите неколку месеци, на местото каде била дадена вакцината (во рамаото) ќе се јави мало испапчување со централна некроза, и тоа не треба да ве плаши. Тоа е знак дека вакцинацијата била успешно дадена. Оваа вакцина штити од туберкулоза.

Каде да се обратите за совет?

  • Вашиот педијатар
  • Патронажната сестра
  • Клиника за детски болести-неонатолошка амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Проф. Д-р Катица Пиперкова

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.