. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Децата и пушењето
- упатство за родители

 
  Објавено на: 12.04.2005

Факти за децата и пушењето
Познато е дека цигарите содржат околу 4000 различни хемиски супстанци, кои се вдишуваат при пушењето или ако некој е во близина на тој што пуши. Меѓу овие супстанци се и следните:

  • Катран - составен од повеќе хемиски супстанци кои вклучуваат и такви кои предизвикуваат рак.
  • Јагленороден моноксид - кој ја снижува количината на кислород, која крвта може да ја прими.
  • Отрови - вклучувајќи арсеник, амоњак и хидроген цијанид.

И цигарите и тутунот кои се декларираат дека се смалено количество никотин се штетни по здравјето на вашето дете. Бројот на децата кои пушат е голем. Најголем дел од возрасните пушачи започнале да пушат на возраст од 12-14 години. Научниците покажале дека и пасивното пушење содржи многу опасни хемиски супстанци и штетно.

Кои се ефектите од пушењето?

  • Пушењето ги оштетува белите дробови, предизвикува скратен здив и намалена физичка спремност.
  • Обично, во мирување пушачите имаат забрзан пулс во споредба со непушачите. Тоа значи дека во мир, срцето на пушачите треба да работи повеќе во споредба со срцата на непушачите.
  • Пушењето доведува до кашлица и ја зголемува шансата да се добие заболување на дишните патишта.
  • Пушењето може да доведе до зависност од никотин, кога е многу тешко да се прекине.
  • Пушењето често предизвикува канцер или срцева болест, и двете овие заболувања во крајна линија може да доведат до смрт.
  • Кај оние кои боледуваат од астма, пушењето може да ги влоши симптомите на астмата.
  • Пушењето предизвикува брчки и лош здив и доведува до жолтеникаво пребојување на забите. Алиштата на пушачот мирисаат на цигари.
  • Пушачите во споредба со непушачите почесто добиваат кариес и полесно се разболуваат.

Зошто децата започнуваат да пушат?

  • Децата може да започнат да пушат бидејќи мислат дека тоа ги чини позрели и повозрасни.
  • Тие може да пушат како израз на отпор кон родителите или наставниците.
  • Пушат за да се ослободат од стресот.
  • Пушат заради притисок од околината. Ако нивните другари пушат и тие може да започнат да пушат.
  • Децата може да почнат да пушат бидејќи мислат дека така ќе ослабнат. Тие мислат дека ако прекинат да пушат ќе се здебелат.

Кои знаци ќе ве упатат дека вашето дете пуши?
Присутно е нешто од следново: кашлица, надразнетост на грлото, зарипнат глас, непријатен здив, намалена физичка спремност (кондиција), жолтеникаво обојување на забите, скратен здив, почести настинки. Ако вашето дете мириса на цигари, пред да го обвините, прашајте го за мирисот. Можно е да престојувало во зачадена просторија или со пријатели кои пушеле, а самото да не пуши.

Што треба да направите ако вашето дете пуши?

  • Распрашајте го зошто пуши. Разговарајте околу пушењето внимателно, без да го критикувате. Потсетете го на краткотрајните негативни ефекти на пушењето ( жолти заби, лош здив, цената и сл). Фокусирајте се на сегашноста. Децата често не разбираат дека нивните акции може да делуваат и во иднината.
  • Не допуштајте детето да пуши пред вас. Пушењето под ваша контрола не е побезбедно. Наместо тоа, ваквиот пристап го учи дека тоа е прифатливо.
  • Не го присилувајте да прекине. Охрабрете го да донесе сопствена одлука. Ако вашето дете тврди дека може да прекине, побарајте да ви го докаже тоа, така што нема да пуши една недела.
  • Понудете се да му помогнете за да прекине. Подржете го. Понекогаш за прекинување на пушењето користат т.н. заместители за никотин. Предложете му на кутијата за цигари да ја напише причината зошто треба да прекине. Тоа ќе го потсетува да намали со пушењето или да прекине.
  • Ако вашето дете се обидува да прекине , пофалете го ако забележите и најмал успех. Наградете го успехот- дајте му слободен излез или друга одговарачка награда за тоа. Потсетете го за добрите работи кои ќе произлезат како резултат на прекинување со пушењето ( подобра физичка кондиција, подобар изглед, заштеда на пари и сл.).
  • Ако вашето дете се плаши да не добие во тежина ако прекине, помогнете му да се храни здраво или окупирајте го со активности. Точно е дека некои луѓе се обидуваат да си олеснат и желбата за цигари ја заменуваат со храна.

Што ако пушат родителите?

  • Ако пушат родителите, а сепак инсистираат детето да не пуши, тоа може да изгледа нефер.
  • Навиките на родителите околу пушењето во голема мера влијаат врз навиките на нивните деца.
  • Ако сепак инсистирате вашето дете да прекине, треба да му објасните зошто вие мислите дека пушењето е грешка и да признаете дека сте направиле грешка кога сте започнале самите.
  • Предложете му да прекинете заедно. Обидете се да издржите. Ако се откажете, тоа ќе преставува добар изговор и вашето дете да се откаже.

Дали може да се превенира пушењето?
Како и секоја друга превенција, за да биде успешна активностите треба да се започнат доволно рано, уште од раното детство. Зборувајте за пушењето уште додека детето е мало. Комуницирајте отворено. Ако пушите , обидете се да прекинете пред да почне да пуши и детето. Дискутирајте ги рекламите за пушење со детето. Луѓето на рекламите изледаат здраво и јако. Кои информации околу пушењето рекламите не ги споменуваат?

Каде да се обратите за помош:

  • Вашиот лекар
  • Локална група за подршка за одвикнување од пушење
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Асс.д-р Камка Пакетчиева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.