. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Рубеола (црвенка)

 
  Објавено на: 12.04.2005

Што е рубеола?
Рубеола е вирусна болест, која се јавува во детството. Се шири аерокапково, преку респираторни секрети ( мукус од носот и устата). Ако неимунизирана бремена жена се инфицира со рубеола, нејзиното дете може да умре пред породувањето или може да се роди со сериозни оштетувања, како што се катаракта, ментална ретардација, глувост , срцева мана, кожен исип и зголемување на црниот дроб и слезената.

Кои се знаците и симптомите на рубеола?

  • Децата со рубеола обично имаат благо покачена темепратура, црвеникав, средно крупен, петнест исип на кожата и зголемени и осетливи лимфни жлезди, зад ушите и позади на вратот.
  • Возрасните може да имаат лесно покачена темепратура, главоболка и течење на носот. Тие може да се жалат на болка и оток на зглобовите.
  • Инфекцијата може да помине и без да се пројават јасни симптоми.
  • Во ретки случаи, може да настане воспаление на мозокот .

Колкав е инкубациониот период?
Инкубациониот период изнесува 14-21 дена по експозицијата.

Колку време детето е заразно за другите?
Заразниот период се разликува кај постнаталната и конгениталната рубеола.

  • Постнатална рубеола : 1 недела пред појавата и 7 дена по избивањето на исипот.
  • Конгенитална рубеола : овие доенчиња се сметаат за заразни до крајот на првата година или додека не се добијат негативни култури од урината и од назофарингеланите секрети ( кои се земени по 3-иот месец).

Кога може да се врати во градинка/училиште?

  • Постнатална рубеола – 7 дена по почетокот на исипот.
  • Конгенитална рубеола - по 1 година или додека не се добијат негативни култури од урината и назофарингеалниот секрети.

Превенција

  • Болеста може да се превенира со вакцинација. Оваа вакцина се дава заедно со вакцината за паротитис и морбили на возраст од 15 месеци, и е задолжителна во нашата земја. Втората доза се дава на 4-6 години или на 11-12 год. Ако вашето дете не е имунизирано за рубеола, контактирајте го вашиот лекар за да го вакцинирате.
  • Ако се сомневате дека има рубеола контактирајте го докторот. Ако тој ја потврди дијагнозата, информирајте ги надлежните во градинката/училиштето, за да можат да превземат заштитни мерки.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Клиника за детски болести, општа амбуланта
  • Клиника за инфективни болести
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Прим.д-р Лилјана Кртева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.