. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Стрептококна ангина

 
  Објавено на: 12.04.2005

Што е стрептококна ангина?

  • Стрепткокна ангина (акутен тонзилофарингитис, предизвикан од бактерија наречена стрептокок) е релативно честа инфекција, која се јавува претежно кај школски деца и деца во колективно сместување ( на пр. дневен престој), претежно во тек на зимските месеци.
  • Оваа инфекција може да доведе до тешки секвели, со засегање на зглобовите и срцето (ревматска грозница) или со засегање на бубрезите (гломерулонефритис). Кај деца под 3 години вакви компликации се исклучително ретки, затоа кај нив нема потреба, секое црвено грло да се лекува со антибиотици.

Кои симптоми упатуваат дека се работи за стрептококна инфекција на грлото?

  • Симптоми кои упатуваат на стрептококна инфекција се : гушоболка, болка при голтање и лош здив, температура, главоболка, болка во увото и стомачна болка.
  • Со преглед се утврдува дека крајниците (тонзилите) се отечени и зацрвенети, со карактеристична пламено-црвена нијанса. Лимфните жлезди на вратот се потечени. Може (но не мора) да се присутни жолтеникави или беличасти петна, сместени на задниот дел на ждрелото. Горниот свод во усната празнина е зацрвенет, посипан со црвени петна.
  • Кај доенчиња може да е присутно течење од носот, носот може да е препокриен со красти, а бебето да е со намален апетит.

Дали стрептококната инфекција е заразна?
Стрептококната инфекција е заразна. Се шири преку кашлање, кивање и со директен контакт. Децата со стрепткокна ангина се заразни до 24 часа по примањето на првата доза антибиотици.

Како се докажува стрептококна ангина?

  • За да ја докаже стрептококната ангина, вашиот педијатар ќе земе брис од гушата. Тоа е безболна процедура, при која со помош на специјално стапче се гребнува од површината на тонзилите или ждрелото, а материјалот се праќа за бактериолошко испитување. Обично, на резултатите треба да се чека неколку дена.
  • Ориентациони резултати може да се добијат брзо-за десетина минути со помош на брз тест (стрептест). За жал, во нашата земја овој тест не е достапен во сите аамбуланти.

Како треба да се лекува стрeптококна ангина?

  • Се даваат антибиотици ( пеницилини), најчесто преку уста. Сосема ретко е индицирана терапија со пеницилински инекции. Во нашата средина е раширено погрешното сфаќање, дека терапијата во форма на инекции е поефикасна, па родителите често пати инсистираат на нивна примена. Родителите треба да знаат дека непотребно го трауматизираат своето дете, и непотребно ризикуваат развој на алергија. За да се ерадицира (исчисти) стрептококот, терапијата треба да трае 10 дена.
  • Ако се јави исип по кожата или некое друго несакано дејство, треба веднаш да се информира лекарот и тој, наместо пеницилински, ќе препише други алтерантивни лекови. Родителите не треба самоиницијативно да ја менуваат терапијата.
  • Покрај антибиотската терапија, се дава и т.н. симптоматска терапија: за намалување на болката и температурата се дава ацетаминофен . На болката поволно делува ако детето шмука пастили, цврсти бонбони или пие ладни пијалоци и сладолед. Важно е да се внесуваат многу течности. Треба да се избегнуваат многу кисели сокови ( пр лимун или портокал) и лута храна. На поголемите деца најдобро е да им се дава чај со мед, а за олеснување на болката поволно делува и гарагара со топла, солена вода ( една лажичка сол во една чаша вода). Ставањето на топли облози на вратот допринесува за намалување на болката и отокот на лимфните јазли.

Колку трае стрепткокната ангина?
Со терапија, ангината трае од 1-3 дена . Доколку немаат температура и ако нивната општа состојба е добра, децата може да се пуштат на училиште или во дневниот престој, 24 часа по започнување со антибиотската терапија.

Дали може да се превенира ширењето на стрептококна ангина?
Заразувањето може да се спречи ако се засилат мерките на превенција :

  • чиниите треба да се мијат со топла вода и сапуница
  • рацете да се мијат често, особено ако сте во контакт со болни лица
  • да се избегнува близок контакт со заболени лица

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Клиника за детски болести-општа амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Прим.д-р Лилјана Кртева

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.