. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Покачена температура –водич за родители

 
  Објавено на: 07.09.2005

Покачена температура е чест симптом во детството, кој кај недоволно искусни или недоволно здравствено едуцирани родители често предизвикува стрес и панична реакција. Затоа, прочитајте го внимателно овој текст!

Која температура се смета за нормална кога детето е здраво?
Нормалната телесна темепратура е 37°C. Во тек на денот може да флуктуира од 36.1°C наутро до 38°C доцна попладне, но детето е во добра општа состојба и расположено.

Како се мери температурата?

  • Со обично пипање на челото, лицето или стомакот, мајките можат доста сигурно да се орјентираат дали детето има покачена температура.
  • Сепак, единствен сигурен начин да се утврди дали детето има температура е да се измери температурата. Телесната температура може да се мери во задното црево (ректум), во устата и под пазувите (аксиларно).
  • Не употребувајте ленти кои се ставаат на челото на детето или термометри кои не изгледаат сигурни.

Која температура се смета за покачена?
Генерално, се смета дека температурата е покачена ако ректалната (во чмарот) температура е над 38°C, оралната (во устата) над 37.8°C или аксиларната (под пазувите) над 37.2°C.

Типови на термометри

  • Најсигурен термометар е електронскиот, тој е полесен за употреба, но поскап.
  • Најчесто се употребува стаклен термометар со жива, кој е и најефтин. Може да се користи за мерење на аксиларната, но и за ректалната и оралната темепратура. Пред секоја употреба, важно е да се протресе живата, така да ивицата на живата падне под 37°C. По секоја употреба измијте го со вода и осушете го. Чувајте го на сигурно место, надвор од дофат на децата, во футрола за да се заштити од кршење.

Мерење на температурата(упатство)

  • Мерење на аксиларна температура. Ставете го термометарот во средина на мишката со една рака, а со другата рака држете го цврсто рачето. Држете го термометарот 3-4 минути.
  • Мерење на орална температура. Мерете темепратура орално само доколку детето е кооперативно и кај деца постари од 5 години. Помали деца може да гризат и да го скршат термометарот. Детето може да седи или да лежи. Ставете го врвот на термометарот под јазикот на детето . Кажете му на детето цврсто да ги затвори усниците, но да не го гризне термометарот. Држете го термометарот 2-3 минути. Не го оставајте детето само со термометарот во устата.
  • Откако еднаш ќе се утврди покачување на температурата, не треба често премерување, освен во ситуации кога детето изгледа многу врело или изгледа многу болно.

Дали покачената температура е опасна за детето?

  • Температурата обично не е опасна, нити може да му наштети на детето, освен ако не е многу висока (над 41.1°C), кога може да има неповолни ефекти врз мозочната функција.
  • Всушност, покачената температура во тек на инфекциите е корисна за организмот. Во услови на висока температура, микроорганизмите (предизвикувачи на инфекцијата) се мултиплицираат успорено, и создаваат помалку токсични продукти.
  • Температурата ги зголемува способностите на организмот да се бори со инфекција и ја зголемува ефикасноста на антибиотиците.

Како организмот ја регулира телесната температура?
Телесната температура се регулира преку центарот кој е лоциран во делот на мозокот наречен хипоталамус. Температура се јавува кога овој “термостат“ е поместен, на вредности кои се повисоки од нормалата.

Кои се најчестите причини за покачена температура?

  • Покачување на температурата може да е предизвикано од супстанци кои што се ослободуваат во организмот, како одговор на инфекција, канцер, некои неинфективни болести (пр. јувенилен реуматоиден артиритс), некои лекови и вакцини.
  • Краткотрајно, температурата може да се покачи при напор, ако надворешната температура е многу висока или ако детето прима претерано затоплена храна или пијалоци. Во овие случаи, не станува збор за вистинска температура . Организмот се обидува со зголемување на потењето да ја снижи темепратурата кон нормала.
  • Обратно од раширеното верување, никнување на забите не предизвикува температура.
  • Најчесто покачената температура е симптом, кој се јавува во рамките на некоја инфективна болест. Обично се работи за вирусни инфекции, температурата не е повисока од 38.3-40°C и трае 2-3 дена.

Како да препознаам дека моето дете има температура?

  • Децата обично пројавуваат симптоми кои се поврзани со постоечката болест, која довела до покачување на температурата (на пр. свраб кај исипните грозници), кашлица кај респираторни инфекции, болка при инфекција на увото).
  • Самото покачување на температурата предизвикува забрзување на дишењето, забрзување на пулсот, студ со треска и потење. Треската е знак дека организмот се обидува да ја покачи темепратурата; потењето означува дека организмот се обидува да ја снижи.
  • Како споредни ефекти може да се јавуват слабост, лесна дехидратација, малаксаност, понекогаш пореметување на свеста и фебрилни грчеви.

Дали висината на температурата кореспондира со сериозноста на болеста?
Не секогаш. Изгледот и општата состојба на детето упатуваат повеќе за сериозноста на болеста, отколку самата висина на температурата.

Дали покачената температура може да доведе до некои компликации? 

  • Кај нормално дете, покачената температурата ретко предизвикува компликации.
  • Ако детето е претоплено и нема начин за елиминација на топината може да се јави топлотен удар. Ова може да се случи ако фебрилно дете се облекува претерано или ако се стави близу до извор на топлина или ако се остави во колата на директно дејство на сонцето, без адекватна вентилација.
  • Претераната загуба на течности која настанува преку потењето и преку забрзаното дишење, може да доведе до дехидратација. Во тој случај, мајката забележува дека пелените кои инаку се обилно мокри, сега се суви (оскудно мокрење), а мочката е многу концентрирана и има јак мирис. Дехидрираното дете е повеќе склоно кон топлотен удар.

Дали покачената температура може да доведе до фебрилни конвулзии и каква е опасноста?
Со ова име се нарекуваат грчевите (во нардот се нарекува фрас) предизвикани од покачена температура. Самиот напад изгледа драматично. Детето одеднаш ја губи свеста, го укочува погледот кон горе и започнува да се тресе.

  • Иако ваквите напади наликуваат на епилептички напади, некомплицираните фебрилни конвлузии се безопасни. Тие може да се повторат при некоја друга состојба со покачена температура, но обично не водат до епилепсија, и исклучително ретко предизвикуваат оштетување на мозокот.
  • Се јавуваат кај околу 4% од децата, најчесто на возраст од 1-3 години. Обично траат помалку од 15 минути.
  • Внимание, понекогаш конвулзии придружени со температура сигнализираат воспаление на мозочните ципи (менингитис) и затоа децата со фебрилни конвулзии треба да се одведат на лекар, кој ќе ја испита причината и ќе го започне третманот

Како да постапат родителите кога детето ќе ја покачи темепратурата?

  • Кај повеќето деца со покачена температура во прашање е банална вирусна инфекција, за која најчесто не е потребна лекарска консултација. Родителите треба да знаат да му ја пружат на своето дете вистинската прва помош и понатаму да одлучат дали е потребно да го одведат детето кај педијатарот. Мерките кои треба да ги превземе родителот се делат на т.н. супортивни- без употреба на лекови и снижување на температурата со употреба на лекови.
  • Ако детето има температура, но е расположено, весело, јаде, пие или си игра, нема потреба од лекови. Облечете го во лесна облека или отстранете ја облеката, за да дозволите топлината да се елиминира преку кожата. Доколку му студи или има треска покријте го со чаршав или лесно ќебенце. Обидете се да мирува – активноста ја зголемува температурата. Дајте му додатни течности за да спречите дехидратација ( вода, ладни пијалоци, сокови или било што сака да пие). Во нашата средина популарна метода е ставање на ладни облози од алкохол или масирање на телото со алкохол. Родителите треба да знаат дека алкохолот, особено кај малото дете (доенче) може да предизвика труење со алкохол, преку вдишување на алкохолните испарувања или преку кожата.
  • Лековите кои се даваат за снижување на температурата не лекуваат, туку само му помагаат на детето да се чувствува попријатно. Дадете Acetaminophen (комерцијални имиња Панадон, Парацет, Фебрицет, Парацетамол и сл ) Ударната доза е 15 мг/кг, а потоа на секои 4 часа во доза од 10 мг/кг, но никогаш почесто од 5 пати за 24 часа. Ако преку ноќта се прескокне дозата, сабајлето ударната доза е повторно 15 мг/кг. Ако се одлучите за lbuprofen (Бруфен), давајте го на секои 6-8 часа. Дозата е 7 мг/кг на секои 8 часа.
  • Не употребувајте аспирин за температура - се поврзува со сериозна болест како што е Рејов синдром.
  • Обично со антипиретските лекови температурата ќе се снижи, но нема да се нормализира. Во понатамошниот тек на болеста, температурата обично варира и најчесто лековите ќе треба да да се повторат. Но бидете опрезни, без консултација со лекар немојте сами да давате антипиретици, подолго од 3 дена. Доколку се даваат предолго или во поголеми дози, овие лекови се токсични. Чувајте ги далеку од дофатот на децата.
  • Ако температурата е над 40°C и покрај тоа што поминало половина час откако сме му дале антипиретик, избањајте го детето во млака вода. Не очекувајте температурата да падне под 38.3°C. Не додавајте алкохол во водата., ако се вдишува алкохолот може да предизвика труење со алкохол. Никогаш не го оставајте детето само во кадичката: акциденти може да се случат кога најмалку се очекува.

Специјални упатства за децата со фебрилни грчеви

  • Ако вашето дете има претходна историја за фебрилно грчеви, тогаш лековите за снижување на температурата треба да ги давате веднаш при секое покачување на температурата. Дадете ацетаминофен или ибупруфен во препорачаните дози за 48 часа (и подолго ако перзистира температурата).
  • Ако детето добие конвулзии намалете ја температурата колку што можете побрзо, со тоа се скратуваат конвулзиите. Соблечете го детето и ставете мокри крпи на лицето и на вратот. Потопете го остатокот на телото во ладна вода. Штом еднаш температурата ќе падне под прагот за грчеви, тие ќе запрат.
  • Кога ќе се разбуди детето, дадете му ја одговарачката доза на ацетаминофен или ибупруфен. Оставете го да мирува. Не се плашете, и покрај конвулзиите, детето не е во опасност се додека не е компромитирано дишењето и додека бојата на кожата е розова (кај темно пребоени се орјентираме според бојата на усниците и дланките).
  • Во однос на понатамошниот третман, консултирајте го вашиот педијатар.
  • Ако грчевите траат подолго од 5 минути или ако детето е помладо од 1 година или ако нема позитивна историја за фебрилни конвулзии, веднаш одведето го детето на лекар.

Кога да се обратите на лекар?

  • Одведето го вашето дете хитно кај лекарот во следните ситуации: ако е детето помладо од 2 месеци, ако температурата е повисока од 40.4°C, ако тешко се буди, ако е конфузно или со пореметана свест, ако плаче болно, ако изгледа многу болно, ако е присутен ризик за сериозна инфекција (на пр. деца со абнормалност на имуниот систем), ако има грчеви, ако му е вратот вкочанет, ако се присутни црвени петна (точки) на кожата, ако дише отежнато, а ова не се корегира откако ќе му го исчистите носот.
  • Во следните ситуации иако не мора хитно, сепак треба да го консултирате вашиот педијатар: ако детето е на возраст од 2-4 месеци, ако температурата е висока (40°C) особено ако детето е помладо од 2 години, ако при мокрењето чувствува печење или болка, ако го боли увото, ако криви при одење (претходно одело нормално), ако се жали на стомачна болка, ако температурата трае повеќе од 72 часа, ако има темепратура повеќе од 24 часа без да е присутна очигледна причина, ако темпертурата престанала повеќе од 24 часа, а потоа повторно се јавила.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Клиника за детски болести- општа амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
 
 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.