. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Туберкулоза

 
  Објавено на: 12.04.2005

Што е туберкулоза (ТБ)?

  • Туберкулоза е болест која е предизвикана од бактериска инфекција ( Mycobacterium tuberculosis). Најчесто се зафатени белите дробови, во кои се создаваат мали туберкулозни чворчиња, кои понатаму доведуваат до деструкција на ткивото.
  • Ако организмот се инфицира по прв пат – зборуваме за примарна туберкулоза. Здравиот организам обично успешно ја совладува инфекцијата и без лекови. Ако заради различни причини, имуниот систем не успее да ја совлада инфекцијата , организмот заболува од белодробна ТБ.
  • ТБ бацили-те остануваат долго (со децении) во организмот. Лицето може да нема симптоми на заболување, а потоа подоцна ( по повеќе години) овие бацили може да предизвикаат болест ( таканаречена реактивација на ТБ).

Кој може да се разболи од ТБ?
Повеќето здрави организми се доволно силни да се изборат со инфекцијата. Со зголемен ризик да добијат ТБ се следните категории:

  • Доенчињата бидејќи имаат послаб имун систем.
  • Ризични групи како дијабетичари, луѓето со ХИВ/СИДА, потхранети, оние кои примаат хемотерапија и некои други лекови, бидејќи исто така имаат ослабен имун систем. Тие се со поголем ризик и за реактивација на ТБ.
  • Лица кои живеат во субстандардни услови ( нечисти и пренатрупани средини), со неадекватна исхрана, како затвореници, имигранти, алкохоличари, корисници на дрога и сл.

Кои се симптомите на ТБЦ?

  • Повеќето луѓе кои имаат ТБ немаат никакви симптоми, или симптомите се благи.
  • Општи симптоми: малаксаност, губиток на апетит, слабеење, температура, потење ( карактеристично попладне или рано наутро , околу вратот и горниот дел на градите).
  • Од страна на респираторниот систем: кашлица која трае подолго од три недели, сува или продуктивна, понекогаш придружена со крвав искашлок, болки во градите, потешко дишење.
  • Симптоми од страна на другите заболени органи: болки, отеченост на лимфни јазли ( најчесто на вратот и пазувите), болки, црвенило, оток на зглобовите, присуство на крв во мочката кај бубрежна ТБ, течни столици кај ТБ на цревата, болки во предел на срцето кај туберкулозен перикардитис (воспаление на обвивката на срцето) и т.н.
  • Некои луѓе имаат ТБ, а немаат симптоми . Кај нив дијагнозата е поставена врз основа на позитивниот кожен тест.

Дали ТБ е заразна?

  • Тоа е заразно заболување кое се пренесува преку близок и долготраен контакт со инфицирани лица или предмети. Бакатериите може да се пренесуваат по пат на кивање, кашлање , зборување и смеење.
  • Само лицата кои имаат активна болест (на пр. белодробна болест) може да ја пренесат инфекцијата на друго лице. Инфицираното лице е заразно- до 2-4 недели, по почетокот на третманот.
  • Кога инфекцијата ќе се пренесе на друго лице, новоинфицираното лице не мора да заболи. Во текот на животот, само околу 10% од оние кои се инфицирани со ТБ, развиваат активна болест. Новоинфицираните, кои немаат активна болест, не можат да пренесат инфекција на друг. Кај нив, со помош на лекови, може да се намали ризикот за развој на активна болест.

Како се поставува дијагнозата на ТБ?

  • Епидемилошка анкета, односно иследување дали во семејството или блиската околина има познат извор на зараза ( болен со активна ТБ).
  • Клинички: присуство на карактеристични симптоми, особено кашлица која трае подолго од три недели.
  • Физикалниот преглед има мало значење во дијагнозата, наодите не се карактеристични.
  • Бактериолошки, со директен препарат се бараат алкохоло-резистентни туберкулозни бацили.
  • Засадување на култури, според методата на Lowenstain –Jensen. Ова преставува единствена метода, со која дијагнозата ТБ може да се постави со сигурност.
  • Рентгенска слика на белите дробови.

Што е тоа кожен туберкулински тест?
Овој тест се нарекува PPD или Mantoux тест. Се прави мал убод на кожата на подлактицата, преку кој се вбризгува туберкулин - PPD (прочистен протеински дериват) и на местото на убодот се прави меурче. Тестот го чита доктор или сестра 48-72 часа по убодот. Се мери зоната на инфилтрација (стврднување), a не на црвенилото, која настанала на местото на убодот.

  • Кај лице кое претходно не било вакцинирано, тестот е позитивен ако црвенилото и инфилтрацијата имаат дијаметар поголем од 6 милиметри. Кај таквото лице треба да се направат и други испитувања.
  • Ако лицето претходоно било вакцинирано ( со BCG е вакцина), во тој случај исто така се јавува црвенило и оток, но дијаметарот e во граници од 6-17 мм.

Кога треба да се прави кожниот тест?

  • Ако лекарот мисли дека имате активна ТБ или дека сте инфицирани со ТБ бацил.
  • Ако сте инфицирани со HIV / СИДА
  • Ако живеете во близок контакт со некој кој има ТБ.
  • Пред давање на BCG вакцина ( освен при првото давање кај новородено, кога овој тест не е потребен).
  • Тестирање на успешноста на спроведената BCG вакцинација.

Како се третира ТБ?

  • Третманот за ТБ треба да започне веднаш штом се утврди дијагнозата. Се даваат лекови-туберкулостатици, во комбинација, правилно дозирани во зависност од тежината на болеста.
  • Лековите треба да се земаат секојдневно, според упатството на докторот. Ако пациентите не се придржуваат кон ова, ТБ може да се врати и да биде со потежок тек, заради развој на резистенција (отпорност) кон лекот. Оваа терапија се дава 6-8 месеци.
  • Некои од лековите имаат несакани ефекти, за што најдобро ќе ве информира вашиот лекар.
  • Во првата фаза на заболувањето, подобро е детето со ТБ да остане во болница, за да се спречи да се инфицираат другите членови на фамилијата.

Колку време болното дете е заразно за другите и колку долго трае ТБ?
Дете инфицирано со ТБ е заразно, 2-4 недели по започнувањето на третманот. По овој период се смета дека веќе не е заразно и може да си игра надвор со други деца. Симптомите обично се подобруваат во тек на 2-3 недели, по започнување на третманот.

Како се превенира ТБ?

  • Најдобрата превенција е со BCG вакцина. Вакцинацијата е задолжителна во нашата земја, се дава во првите 5-7 дена по раѓањето, а подоцна пред запишување во прво одделение, детето се ревакцинира.
  • Превенција со изонијазид ( или еутизон) на деца кои биле или живеат во средина со извор на зараза, односно со болен од ТБ. Се даваат таблетки еутизон по 5 мгр/к.т.т., во текот на 6 месеци.
  • Ако вашето дете било експонирано на ТБ или ако има симптоми на ТБ, контактирајте го вашиот лекар, кој ќе направи кожен тест и евентуално други испитувања, со кои ќе ја потврди/исклучи дијагнозата.

Каде да се обратите за помош?

  • Вашиот педијатар
  • Детски пулмолог
  • Институт за белодробни заболувања кај деца, Клиника за детски болести, консултативна пулмолошка амбуланта
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со : 
Прим. д-р Стефан Талевски

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.