. .
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 


     
 
Овчи сипаници (Варичела)

 
  Објавено на: 12.04.2005

Овчи сипаници се една од најчестите и најзаразните вирусни болести во детството. Вашето дете било во контакт со дете болно од варичела? Внимателно прочитајте ја оваа информација.

Предизвикувач, начин на пренесување?
Предизвикана е од вирусот варичела зостер и се пренесува аеро-капково (преку воздухот и со секрети кои потекнуваат од носот и грлото на инфицираните индивидуи) или со директен контакт со кожните промени. Најчесто се јавува кај деца под 10 години, но може да се јави во било која возраст. Дете кое еднаш прележало овчи сипаници стекнува специфичен имунитет, кој го штити од повторна инфекција. Понекогаш може да се случи повторно заболување, ако детето прв пат добило варичела на возраста помала од 1 година.

Кои се знаците и симптомите на варичела?
Пред појавата на кожниот исип, децата може да чувствуваат слабост 1-2 дена . Исипот започнува во форма на црвеникави петна (испапчувања) кои понатаму се развиваат во меурчиња, за да на крајот се формираат красти. Меурчињата се јавуваат во налети и може да го зафатат целото тело, вклучувајќи ги очите, устата, грлото и вагината. Исипот предизвикува јадеж, којшто може да биде толку изразен што му го нарушува сонот на детето. Кај некои деца болеста се манифестира само со неколку меурчиња, а кај други со повеќе од 1000. Децата со изразен исип, обично имаат повисока температура која може да се качи до 40 0 С. Ако во фамилија со повеќе деца, едно од децата се разболе од овчи сипаници, вообичаено сите деца кои не се имунизирани, исто така ќе добијат варичела. Вообичаено е вториот и третиот случај на варичела во истата фамилија, да е потежок од првиот.

Колкав е инкубациониот период?
Инкубациониот период изнесува 10-23 дена ( обично 2 недели)

Колку време детето е заразно за другите?
Инфективниот период: 1-2 дена пред почетокот на исипот, се до 6 дена откако ќе се развие исипот.

Кога може да се врати во градинка/училиште?
Исклучување од градинка/дневен престој/училиште: деца кај кои варичелата е без некои компликаци, може да се вратат на училиште по 6-10 дена од почетокот на исипот, откако сите меурчиња по кожата се претвориле во красти.

Дали постои опасност од компликации?
Варичелата е обично лесна болест и ретко дава компликации како што се: воспаление на белите дробови или на мозокот (особено на малиот мозок). Кај деца кои имаат малигно заболување (рак /леукемија), кај оние кои примаат терапија со стероиди или други медикаменти кои го нарушуваат имунитетот, или деца кои се болни од болести кои им оневозможуваат да се борат против инфекцијата, болеста може да има многу сериозен тек со можност од тешки компликации. По инфекцијата, вирусот на варичела останува во организмот и тоа во нервните клетки и по многу години може да се рекативира, резултирајќи во херпес зостер. Оваа болест се манифестира со појава на исип во форма на меури на ограничено подрачје на една страна на телото, вдолж зафатениот нерв и ова е придружено со силна болка. Најчесто се јавува кај постари луѓе и кај деца кои прележале варичела во првата година на животот.

Третман и превенција

  • За контрола на темпeратурата и болките се препорачува ацетаминофен (парацетамол). Аспирин не треба да се дава кај деца со варичела бидејќи може да го предизвика синдромот на Реј ( опасна живото-загрозувачка болест на црниот дроб и мозокот) .
  • За намалување на јадежот, може да е даваат антихистаминици ( на пр. Бенадрил или Вистарил). За да се намали трауматата од чешањето, ноктите на детето треба да се заштитат со ракавици. Вообичаено кожните промени се мачкаат со течна пудра, која го смирува јадежот.
  • Во тек на болеста децата може слободно да се мијат и капат со внимателно бришење со мека крпа.
  • Понекогаш кожниот исип може секундрано да се инфицира со бактерии, резултирајќи во импетиго- состојба за која е потребно да се дава антибиотска терапија.
  • Децата кои се со ризик од сериозна болест може да се заштитат така што ќе им се даде инекција на варичела зостер имун глобулин, и тоа во тек на 96 часа по експозицијата, со цел да се превенира болеста (достапно во побогати земји, кај нас засега не е достапно).
  • Антивирусни медикаменти (ацикловир), ако се започнат во првите 24 часа од почетокот на исипот, може да го намалат бројот на меурите и траењето на исипот. Овој медикамент главно се препорачува и е најефикасен кај деца и возрасни кои се со зголемен ризик од тешка болест. Американската Академија за Педијатрија препорачува ацикловир да се дава кај деца постари од 13 години, кај деца кои се третираат со коритикостероиди, кај деца кои се од различни причини.имунокомпромитирани.
  • Засега вакцина против варичела не се дава рутински.
  • Ако се сомневате дека вашето дете има варичела, задржете го дома и контактирајте го вашиот доктор. Ако докторот дијагностицира варичела задолжително информирајте ги одговорните во градинката/училиштето, за да можат да превземат одговарачки мерки.


Каде да се обратите за помош?
  • Вашиот педијатар
  • Инфектолог
  • Клиника за инфективни болести
Горе
Подготви :
Проф.д-р Кузмановска Дафина
Во консултација со
Прим.д-р Кртева Лилјана 

Текстот има за цел да информира и да едуцира и не е замена за професионална медицинска евалуација, дијагноза или третман

     

 

 
 

За нас | Партнери | Напомена | Мапа на сајтот | Контакт

© 2005. Детско здравје. Сите права заштитени.