Кај вашето девојче е дијагностицирана уринарна инфекција и вашиот доктор се сомнева дека има везикоуретерален рефлукс. Низ главата ви поминуваат повеќе прашања, на кои барате одговор. За каква аномалија станува збор, каков е текот и третманот, што може да се направи за да се корегира? Дали се работи наследен или случаен проблем? Следната информација може да ви помогне.
Што е везикоуретерален рефлукс (ВУР)?
- Урината се создава во бубрезите, а од таму преку цевки наречени уретери се дренира во мочниот меур. Кога мочниот меур ќе се наполни, добиваме сензација за мокрење: мочниот меур се контрахира, а надворешниот сфинктер на уретрата ( цевка преку која урината се исфрла од мочниот меур) се олабавува и мочката се исфрла надвор.
- Везикоуретерален рефлукс се јавува кога при контракција на мочниот меур урината наместо да се исфрла кон надвор преку уретрата, се враќа назад преку уретерите во бубрегот. Урината оди по погрешен пат. Ова е чест проблем.
Кои се последиците од ВУР?
Ова може да доведе до повеќе проблеми:
- Иако урината е стерилна таа понекогаш може да содржи бактерии (почесто кај девојчиња). Ако е присутен сигнификантен рефлукс ( ако урината перзистено се враќа во бубрегот), таа инфекција може брзо да се прошири и да предизвика воспаление на бубрегот (пиелонефритис), со можност за трајно оштетување на бубрегот.
- Преку урината која се враќа во бубрегот се пренесува притисок кој може да го оштети бубрегот.
Кои се причините за ВУР?
Постојат повеќе причини за рефлукс.
- Можно е во тек на интраутериниот развој на плодот ( во матката) уретерите да не се добро споени во мочниот меур. Можно е да постои абнормалност на сфинктерниот механизам чија улога е да оневозможува урината да се враќа назад. Постојат многу варијации на темата, но главно се се сведува дека или не е добар спојот и/или тој не функционира правилно.
- Друга причина е ако мочниот меур не функционира правилно.
Дали е наследен?
Не се наследува директно. Сепак, во некои фамилии почесто се јавува, така да ако едното дете има рефлукс, постои ризик дека и другото дете ќе има.
Како се испитува ВУР?
Евалуацијата оди во два смера.
- Едниот тип на испитувања треба да даде увид во анатомската состојба ( дали се присутни анатомски абнормалности) и дали е присутно бубурежно оштетување. Ова може да се направи со ултразвучно снимање (ехо) или посигурно со ДМСА скен.
- Вториот тип испитување се нарекува микциона уретроцистографија (МЦУГ). Со ова снимање се гледа дали е присутен везикоуретерален рефлукс. Рефлуксот може да се испитува и со т.н. неинвазивни методи како што е директната радионуклидна цистографија или ултразвучната цистографија. За сите овие испитувања потребно е да се катетеризира мочниот меур. Педијатрискиот нефролог ќе одлучи која метода ќе ја примени кај вашето дете.
Како се третира ВУР?
Третманот се одредува врз основа на тоа колку е сигнификантен (изразен) рефлуксот, дали е присутна анатомска абнормалност, дали е присутно бубрежно оштетување и колку се чести уринарните инфекции. Може да се движи во следните рамки:
- „Да не се прави ништо, освен следење “ ( кај умерен рефлукс, без бубрежно оштетување, само неколку уринарни инфекции).
- Да се дава лек (уроантисептик) секојдневно, навечер пред спиење ( кај умерен рефлукс, со чести ИУТ).
- Хируршка интервенција за корекција на анатомските абнормалности (тежок рефлукс, многу инфекции и бубрежно оштетување). Најчестата хируршка интервенција е дисконектирање и потоа реимплантација на уретерите во мочниот меур, за да можат да функционираат правилно.
- Алтернативно, корекцијата може да се направи со ендоскопска процедура, каде со помош на инструмент внесен во мочниот меур, во предел на устието на уретерот се вбризгува одредена материја (пр. тефлон, колаген и др).
- За да се намали ризикот од уринарни инфекции децата со рефлукс треба да пијат повеќе течности и со соответна исхрана богата во влакнести материи да го регулираат цревниот транзит (не смее да имаат затвор).
Кај 80% од децата со умерен рефлукс, со растењето на децата рефлуксот спонтано ќе исчезне.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот педијатар
- Педијатар-нефролог/уролог
- Клиника за детски болести, нефролошка консултативна амбуланта
|