Значење на проблемот
Давењето во вода преставува водечка причина за смрт, кај малите деца. Давењето, може да се случи во езера, реки, базени, различни канали, јазови, јами, но и во домашни услови. Кај децата кои се спасени од давење, ако мозокот подолго време бил без кислород, можно е да настанало трајно оштетување.
Како да го намалите ризикот за давење на детето?
Вие може да влијаете на намалување на ризикот за давење, така што ќе внимавате на детето кога е околу вода, и така што ќе го научите да плива. Покрај тоа, треба да превземете мерки, со кои ќе ја зголемите безбедноста во домот и околу домот. Внимавајте! Децата може да се удават и во вода која е длабока само неколку сантиметри. Било кој извор на вода, независно колку плиток, преставува опасност.
- Надгледувајте го детето Најважната превентивна стратегија е да го надгледувате детето- цело време додека е во контакт со вода. Тоа значи, активно надгледување, не само да се фрла поглед, од време на време. Не очекувајте дека децата ќе викаат за помош ако се најдат во незгода. Децата се дават тивко, за само неколку минути.
- Научете го да плива Почнувајќи од четири години, децата може да започнат со формално учење да пливаат (часови по пливање). Дел од тренингот се состои во совладување на вештини за безбедност на вода. Во светот, модерни се програми за пливање и за помали дечиња, дури и за бебиња, но поентата кај овие програми е во стекнување на доверба и охрабрувањето на децата да уживаат во вода, а не да научат да пливаат. Внимавајте, деца под пет години не се способни да ги искористат своите пливачки вештини во случај на несреќа, затоа немојте да сметате дека се безбедни.
- Помошни средства за пливање ( појаси за пливање, гуми за пливање) Секогаш купувајте стандардизирани помошни средства. Имајте на ум дека примарната улога на овие помошни средства е детето да се фамилијаризира со водата, со нив не се гарантира безбедноста.
Како да ја зголемите безбедноста од вода во домот?
Следните сугестии имаат за цел да го намалат ризикот од давење во домот:
- Секогаш надгледувајте го детето додека е во кадата. Никогаш не оставајте некое постаро дете да внимава наместо вас.
- Земете го со себе ако одговарате на телефон или ако некој звони на вратата, додека го надгледувате во кадата. Испразнете ја кадата веднаш откако сте ја искористиле. Држете ги заклучани вратата на бањата/пералната.
- Не оставајте необезбедни, различни базенчиња, фонтани и други слични резервоари на вода во дворот. Аквариуми за риби и сл. треба да бидат подалеку од дофатот на малите деца.
Како да ја зголемите безбедноста на плажа?
Надгледувајте го детето цело време. Водете го на плажи каде има спасувачки екипи. Обучете го како да постапи ако се најде во незгода. Треба да остане мирно, да плива и да ја подигне едната рака, како сигнал за помош на спасителите.
Безбедност во близина на река, канал и сл.
Надгледувајте го детето кога е во близина на различни канали, реки, и сл. Предупредете го на опасноста од пливање во реки, водопади, брани. Осигурајте се дека местото каде игра вашето дете е далеку од река и с л.
Прва помош
Итната медицинска помош на мало дете и на бебе се разликува од онаа кај возрасните, затоа идеално би било сите родители да поминат курс по прва помош за деца, вклучувајќи и кардиореспираторно оживување. Може да е од корист прирачникот за возачи „Прва помош“, издаден од Црвениот крст на Р. Македонија/2004 год, стр. 29.
Каде да се обратите за помош?
- Вашиот лекар
- Во случај на хитност, известете ја итната медицинска помош (тел. 094) и побарајте помош од некој во близината кој ги познава методите на оживување.
|